Червар: Сите ми го свртеа грбот, не го заслужив тоа!

Екс тренерот на Металург и поранешен селектор на Македонија и Хрватска, Лино Червар, веќе извесен период е без функција во тамошниот Сојуз.

ХРС ја укина функцијата координатор на машките репрезентации и Червар остана без работа по Мундијалот во Полска и Шведска.

Искусниот стратег, кој со Хрватска имаше големи успеси на меѓународна сцена, во разговор за хрватскиот портал „Спортске Јутарњи“, истакна дека му е направена уште една неправда во својата кариера.

,,Токму кога во улога на координатор имав воспоставено систем кој сигурно ќе стартуваше да дава резултати во иднина, бев отстранет од таа позиција. Само што почнавме да работиме заедно, сите возрасни категории и нивните тренери, ме отстранија од теренот, не знам зошто. Мислам дека не го заслужив тоа, сепак, има нешто зад мене. Сите ми го свртеа грбот, побарав некој од ресорното Министерство да објасни зошто се случи ова, но одговор никој немаше. Би сакал некој одговорен да објасни зошто сум отстранет. Се сеќавам, доживеав многу неправди во мојот живот, ме критикуваа дури и кога освоив сребро, критикуваа „Зошто пак не беше злато?“, ме напаѓаа и навредуваа. Никогаш нема да зборувам против моите колеги, тоа не е мое ниво, нема да ги напаѓам Голужа, Бабиќ, Хорват, еве го сега Перковац, но прво, по моите златни и сребрени медали, ги освоивме бронзените, сега ни тоа не можеме. Повторувам, сите мои наследници дадоа и даваат сѐ од себе, но статистиката говори сѐ. На крајот на краиштата, јас на никого не сум му добар”, изјави Червар.

Екс селекторот на Хрватска се осврна на настапот на младите репрезентативци, кои покажаа добри настапи во квалификациите за Европското првенство 2024.

,,Имаме уште многу млади играчи кои се подготвени за големи работи. Го гледав Кузмановиќ против Холандија, мислам дека повторно имаме одличен голман. Ниту другите не се толку лоши, ако ги погледнеме по ред младите играчи и ако ги изброиме, сите се играчи кои можат да парираат на секој противник, но резултатите изостануваат. Веќе неколку години не бевме на ниво, последниот пат кога бевме добри тоа беше на ЕП 2020 во Шведска, сакам да потсетам дека тогаш јас бев на клупата. Сè после тоа е малку пад, но сепак верувам дека имаме иднина”, заврши Червар.

Покрај Червар, ХРС го смени и селекторот Хрвоје Хорват, на чие место дојде Горан Перковац, а замина и целиот претходен стручен штаб.