Червар: Не бараме луксуз, ама ситуацијата во хрватскиот ракомет е алармантна!

Селекторот на репрезентацијата на Хрватска, Лино Червар во гостувањето на националната телевизија отворено зборуваше за ситуацијата и проблемите во хрватскиот ракомет и воопшто во спортот.

Тој истакна дека е критична ситуацијата и тоа не само во ракометот, туку и во останатите спортови. Една од забелешките беше дека се ракометна нација, а немаат ракометен дом.

„Ние не бараме луксуз, а немаме ништо. Немаме свој ракометен дом. Исто така се соочуваме со проблеми клубовите не можат да ги платат патувањата или обврските кон судиите. Не произведуваме нови играчи, ситуацијата е алармантна. Тоа не е само случај во ракометот, се забележува и во кошарката, одбојката. Локалната самоуправа и државата мораат да допринесат за создавање на минимални услови“, коментираше Лино Червар.

Червар ја предводеше репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство во Шведска, Норвешка и Австрија на кое го освоија сребрениот медал по поразот од Шпанија во финалето.