Червар: Вори има голема шанса, играше во многу клубови и знае како треба

На местото на Веселин Вујовиќ, кој се раздели со хрватскиот првак Загреб, дојде Игор Вори, за кого ова ќе биде прво тренерско искуство.

Тој ја продолжува низата на поранешни репрезентативци од златната генерација кои влегуваат во тренерските води.

Актуелниот селектор Лино Червар, вели дека добро е за хрватскиот ракомет, што поранешните негови играчи стануваат тренери.

„Драго ми е што и Вори е меѓу тренерите, сакам да гледам моите играчи како размислуваат како тренери, тоа е добро за ракометот. Тука се уште Балиќ, Метличиќ, Шола, Доминиковиќ, Шпољариќ, Валчиќ, тргнува и Лацковиќ, па верувам дека сите ќе станат одлични тренери, бидејќи имаат услови“, вели Червар за „Спортске новости“.

Пред голем предизвик е Вори во Загреб, кој му е прв клуб во тренерската кариера, а за да се нафати на ова, мораше да ја напушти директорската функција во националниот тим.

„Вори има голема шанса, играше во многу големи клубови и знае како треба. Ќе видиме што ќе биде, не е така едноставно како што се чини. Мора да бидеш роден со тренерски ген, ако не си таков, нема ништо да направиш. Тренерот е прв човек во составот и неговата визија е најважна. Мораш да имаш верба во себе и во успех, а во тоа многумина тешко успеваат“, коментира Червар.

Загреб во новата сезона ќе игра во Лигата на шампионите и во регионалната СЕХА лига, иако се уште не е јасно дали овие натпреварувања ќе почнат според планот.