Чаир со една нога е на Ф4, покажа доминација против Овче Поле СУ

Ракометарките на Чаир во второто полуфинале од групата Б во Купот на Македонија забележаа убедлива победа против Овче Поле СУ со резултат 41:35 со што обезбедија финале од оваа група, а ривал во финалниот натпревар на Чаир ќе биде Феникс од Битола. Со оглед на квалитетот меѓу двете екипи, Чаир е голем фаворит во натпреварот со Феникс.

Домашната екипа на Овче Поле СУ пружи солиден отпор во воведниот дел од натпреварот, но во останатите дваесетина минути не го издржа силниот налет на гостинките од Чаир, кои во првото полувреме беа предводени од Рахмани, Дукоска, Ѓеоргиевска и Реџеп. Токму овие четири ракометарки ја направија големата разлика за својата екипа.

Чаир по петнаесетина минути игра имаше позитива од пет гола разлика, 12:7. Екипата на Овче Поле СУ немаше многу идеи во своите напади и веќе во 20. минута потпиша капитулација при негативен резултат од 16:8. Чаир на полувреме замина со високо водство од 24:14.

Одличната игра на ракометарките на Басри Љатифи продолжи во второто полувреме. Во 40. минута водството на Чаир беше плус 14 гола разлика, 32:18. Чаир без многу проблеми рутински ги одработи последните дваесетина минути и си дозволи мало опуштање, кое што беше искористено од домашниот тим за поблаг пораз.

Најефикасни во победничката екипа беа Стефанија Ѓеоргиевска со девет и Теодора Дукоска со осум погодоци. Во поразената екипа прв стрелец беше Елена Вучевска со десет погодоци.

Куп на Македонија, четвртфинални групи:

Група А
Вардар – Стружанка 32:20
Ѓорче Петров – Кузман Вардар 42:19
Вардар – Ѓорче Петров 24:27

Група Б
Феникс – Спартак 29:27
Овче Поле СУ – Чаир 35:41
??? Феникс– Чаир

Група В
Металург – Астибо 43:19
Шампион – Гевгелија 23:21
Металург – Шампион 31:17

Група Г
Пелистер – Куманово 15:42 
Деспина слоб.
Куманово – Деспина 28:19