Веспрем и оваа сезона располага со еден од најмоќните состави во европскиот ракомет, но зад големиот број ѕвезди и различни националности се крие нешто што левиот бек Ахмед Хешам го смета за клучно – тимската хемија.
Египетскиот репрезентативец во интервју за ИХФ откри дел од атмосферата во соблекувалната на унгарскиот гигант, каде што има играчи од дури 11 различни националности.
„Неверојатно е. Ја сакам атмосферата, а тимот е одличен. Од година во година сè подобро се запознаваме. За мене, хемијата е сè“, вели Хешам.
На неговото прилагодување во Веспрем му помага и присуството на неколку сонародници. Покрај него во клубот се и Али Зеин, Јехја Ел Дера и Ахмед Адел, а тренер е Чави Пасквал, кој истовремено е и селектор на Египет.
„Сега ја претвораме Унгарија во Египет! Со нашата музика и сè останато, ја претвораме во Египет“, низ смеа открива Хешам.
На прашањето дали тоа значи дека во соблекувалната на Веспрем се слуша египетска музика, тој кратко одговори.
„Точно. Сега сè е египетско. Никој не може да нè промени.“
Но музиката не е единствената необична традиција на Хешам. Египетскиот ракометар има „тајно ракување“ со секој свој соиграч.
„Со сите! Секој има тајно ракување со мене. Тоа е важно. Тоа е мојата работа – секој мора да има тајно ракување со мене“, вели тој.
Хешам е еден од играчите задолжени за добрата атмосфера во тимот, а неговата улога не се ограничува само на случувањата на теренот.
Веспрем, кој во 2024 година ја освои титулата на Светското клупско првенство, а во 2025 година заврши како вицешампион, повторно има големи амбиции. Тимот е составен од голем број ракометни ѕвезди.
На десната бековска позиција се Недим Ремили и Иван Мартиновиќ, додека на среден бек Хешам ги дели минутите со Лука Циндриќ и Стефан Додиќ. Во бековската линија се и Али Зеин и Јехја Ел Дера.
Подеднакво импресивна е и останатата поставеност на тимот – на голот е новото засилување Емил Нилсен, на линијата е Лукас Јоргенсен, додека на крилата се Уго Деска и Јанис Лен.
Сепак, Хешам смета дека големиот број ѕвезди нема да значи ништо без вистинската атмосфера во соблекувалната.
„Посебно е да се игра под водство на тренер со такво тактичко знаење. Тој е и наш селектор во репрезентацијата, па знаеме што сака, а што не сака. За мене е удобно да имам тренер кој те познава, знае како да го извлече најдоброто од тебе и знае како да те направи подобар“, вели Египќанецот за Пасквал.
За 26-годишниот ракометар настапите во татковината имаат посебно значење.
„Секогаш е чест. Сакам да играм во мојот роден град. Кога ќе заминете два или три месеци на подготовки, не го гледате семејството. Затоа сум многу среќен што играм пред нив, ги гледам секој ден и можат да дојдат да ме посетат. Тоа е многу добро за мојата глава“, вели Хешам.
Египетската репрезентација, пак, има големи амбиции и на Светското првенство во 2027 година. По осмото, седмото, седмото и петтото место на последните четири Мундијали, Египќаните сега сакаат да направат уште еден чекор напред.
„Нашата цел е да го освоиме Светското првенство или барем да освоиме медал“, порача Хешам.

























