Голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски, со нетрпение го очекува почетокот на европската сезона.
Првиот предизвик за битолчани во Лигата на Европа е квалитетната шпанска екипа Ла Риоха, која е прв гостин во „Боро Чурлевски“.
„Од самиот почеток на подготовките поминаа речиси два месеца и со нетрпение, особено во последните денови и недели, го очекуваме овој натпревар. Најубавото во спортот и во ракометот се полната сала и квалитетниот натпревар“, изјави Митревски.
Македонскиот шампион на хартија влегува како фаворит, но капитенот предупредува дека тоа мора да биде потврдено со добра игра на теренот. Митревски очекува тактички тежок натпревар против екипа со технички добро подготвени ракометари.
„Ла Риоха игра тактички многу добро и има технички потковани ракометари кои се придржуваат до својот систем. Знаеме дека шпанските екипи секогаш се тактички добро подготвени. Работевме добро во изминатиот период и мислам дека сме доволно подготвени да одговориме на сите нивни варијанти во нападот и во одбраната. Очекувам добар натпревар од наша страна. На хартија влегуваме како фаворити, но тоа треба да го покажеме и да го потврдиме на теренот“, истакна Митревски.
Митревски испрати и директен повик до битолската публика да ги исполни трибините во салата „Боро Чурлевски“ и да биде дополнителната сила на екипата.
„Би им препорачал на навивачите да дојдат, да нè бодрат и да ја наполниме спортската сала „Боро Чурлевски“. Уште еднаш да бидат наш осми играч и да покажеме дека, без разлика во кое европско натпреварување и на кој европски натпревар настапува Пелистер, тие секогаш се присутни на трибините. Ја имаме најдобрата навивачка група зад нас и посакувам сите заедно да стигнеме до победата“, заврши Митревски.
Мечот меѓу Еурофарм Пелистер и Ла Риоха се игра в среда во салата „Боро Чурлевски“ со почеток од 20:45 часот.
























