Вардарки против Ѓорче Петров ќе се борат за Ф4 во Купот

Екипата на Вардар обезбеди место во финалниот натпревар од групата А од Купот на Македонија откако во второто полуфинале од оваа група беше убедлива против составот на Стружанка со 32:20.

Вардар во финалето од групата А ќе игра против Ѓорче Петров. Финалниот натпревар меѓу овие две екипи ќе се одигра денес, со почеток од 19:00 часот во спортска сала „Христо Батанџиев“.

Првите десет минути од натпреварот поминаа во изедначена борба и главно во воведниот дел се играше гол за гол. По водството на Стружанка од 6:5 следуваше серија од 3:0 на ракометарките на Вардар за водство од плус два гола разлика, 8:6.

Стружанка до крајот на првото полувреме не успеа да се консолидира и му дозволи на својот противник да има целосна доминација на терен. Вардарки со одличната игра во последните петнаесетина минути од првото полувреме на пауза заминаа со предност од 15:12.

Вардар со голот на Трпевска во првата минута од второто полувреме зголеми на 16:12. Стружанка се обидуваше да се врати во игра, но освен Делиоска, која постигна осум погодоци во првото полувреме, немаше предводник во вторите 30 минути.

Избраничките на Драгана Ристова на дваесетина минути пред крајот имаа позитива од плус пет, 20:15. Стружанка само за момент намали на минус три негатива, 20:17. Со серија од 8:0, Вардар зголеми на 28:17 и рутински го одработи завршниот дел од натпреварот.

Најефикасни во победничката екипа беа Ивона Трпевска со седум и Марија Николовска и Бојана Диневска со по пет погодоци. Кај Стружанка прв стрелец беше Магдалена Делиоска со осум погодоци.

Куп на Македонија, четвртфинални групи:

Група А
Вардар – Стружанка 32:20
Ѓорче Петров – Кузман Вардар 42-19
20/03, 19:00 часот, Вардар – Ѓорче Петров (Христо Батанџиев)

Група Б
Феникс – Спартак 29:27
20/03, 19:00 часот, Овче Поле СУ – Чаир (Цар Самоил)
??? Феникс– Овче Поле СУ/Чаир

Група В
Металург – Астибо 43-19
Шампион – Гевгелија 23:21
Металург – Шампион 31:17

Група Г
Пелистер – Куманово 15-42 
Деспина слоб.
20/03, 16:00 часот, Куманово – Деспина (Перо Наков)