ЦСКА Москва се враќа во СЕХА?

За десетина дена започнува завршниот турнир во регионалната СЕХА лига, а веќе се прават плановите за следната натпреварувачка сезона, која би требало да почне на крајот на септември.

Претседателот на лигата, Михајло Михајловски, откри дека рускиот вицепрвак ЦСКА Москва би можел да направи камбек во натпреварувањето, откако пред три години играше под името Спартак.

„За новата сезона сигурни се десетте екипи што играа и минатата сезона, само што има измена кај српските екипи, па наместо Металопластика ќе игра Партизан. Имавме повеќе писма со намери за неколку нови екипи. Рускиот тим ЦСКА Москва очекуваме да потврди дали ќе игра или не, тие треба да потврдат, иако не беа први, туку втори, но имаат добра екипа и сакаат да играат. Што се однесува до системот на натпреварување, има време до крајот на септември. Сигурни се десет екипи, но има можност да бидат и 12, а тогаш би биле две групи по шест екипи“, изјави Михајло Михајловски.

Новата сезона во СЕХА лигата би требало да започне кон крајот на септември, со најмалку десет, а најмногу 12 екипи.