Црна Гора ја совладa Јужна Кореја, обезбеди четвртфинале на ОИ

Репрезентацијата на Црна Гора конечно прикажа добра игра на Олимписките игри во Токио и успеа да ја совлада незгодната репрезентација на Јужна Кореја со 28:26.

Претходно, Црна Гора одигра лоши натпревари против Норвешка и Јапонија, додека во првото коло славеше победа над Ангола.

Со победата над Јужна Кореја, избраничките на Бојана Поповиќ обезбедија место во четвртфиналето на Олимписките игри во Токио.

Првото полувреме помина во израмнета борба, а репрезентацијата на Црна Гора постојано беше во водство од еден до четири гола разлика. Иако имаа водство од 12:8, ракометарките на Црна Гора се опуштија во последните минути од првиот дел и дозволија противникот да ја намали негативата.

По 30. минути игра, ракометарките на Црна Гора заминаа на полувреме со предност од два гола разлика, 13:11.

Во второто полувреме со низата голови на Јауковиќ, Црна Гора обезбеди солидни четири гола предност, 18:14. Добрата партија на Црногорките продолжи и во наредниот период. Иако ракометарките на Јужна Кореја се обидуваа да се вратат во игра, нивниот обид беше неуспешен.

На десетина минути пред крајот водството на Црна Гора беше и шест гола разлика, 24:18. Преостанатиот дел беше само формалност и рутинска контрола на резултатот.

Најефикасна во црногорската репрезентација беше Јованка Радичевиќ со шест гола, по пет постигнаа Мајда Мехмедовиќ и Ѓурѓина Јауковиќ.

На голот, Љубица Ненезиќ забележа девет интервенции. Во составот на Јужна Кореја, Ли Мигјонг беше незадржлива со десет гола.