Цинцадзе: Против Бутел мора да дадеме повеќе од максимум, сакаме реванш

Викендов на програмата се натпреварите од осмото коло од Супер лигата. Во дербито на колото Охрид ќе биде домаќин на Бутел. Охриѓани интензивно се подготвуваат за дуелот со противникот од кого во првата рунда загубија во тесен дуел кој го одлучуваа нијанси.

Грузиецот на голот на Охрид, Зураб Цинцадзе, кој имаше фантастична партија во претходното коло и со 13 одбрани беше еден од најзаслужните за победата против Вардар Неготино, вели дека се спремаат за реванш со Бутел и ќе одат на победа.

„Бутел е екипа која не смее да се потцени бидејќи имаат многу искуство и многу добри играчи играат таму. Со нив не можете да играте со 50-60 проценти од вашите можности, туку треба да дадете 100 па и повеќе. Во првиот дуел несреќно загубивме, но сега добро се подготвуваме, грешките што ги направивме таму ги увидовме, добро ги изанализиравме и ќе ги поправиме. Треба само да излеземе на теренот, да одиграме најдобро што знаме  и во напад и во одбрана и да ги земеме трите бода. Јас се надевам дека повторно ќе имам добра вечер и ќе му помогнам на тимот во остварувањето на целта“, изјави Цинзадзе.

Со четири победи и три порази Охрид се наоѓа на четвртото место на табелата, додека Бутел е на третото место со пет победи и два порази.

Натпреварот помеѓу Охрид и Бутел се игра во недела, 30 октомври, во спортската сала „Билјанини Извори“ со почеток во 18:30 часот.