Хрват потпиша со Мешков, но не сака да игра таму: Разговарам и чекам…

Хрватски Нексе има одлична сезона досега. Овој тим успеа да се квалификува во четвртфиналето на Лигата на Европа каде што во првиот натпревар славеа против дански ГОГ Гудме со 33:27 и се на добар пат да обезбедат место на фајнл-фор турнирот.

Во оваа одлична сезона еден од најдобрите играчи на Нексе е Марин Јелиниќ, хрватското крило кое може да игра и на двете страни. За Јелиниќ ова треба и да е последната сезона во Нексе затоа што од претходно има потпишано договор со Мешков Брест, сепак ситуацијата со руските и белоруските клубови може да донесе промена. Засега и самиот Јелениќ не е сигурен каде ќе игра следната сезона.

„Во овој момент само чекам. Разговарам со луѓето таму и чекам ЕХФ да донесе конечни одлуки за следната сезона“, изјави Јелиниќ во интервјуто за СЕХА лигата.

Дресот на Нексе Јелиниќ го носи во изминатите пет сезони, од сезоната 2017/2018. Нексе ќе потсетиме сезонава стигна до две победи против Вардар во СЕХА лигата, додека во Лигата на Европа го елиминираше Еурофарм Пелистер.