Хорват: Навивачите во Битола ќе создаваат дополнителен притисок врз нас

Екипата на Нексе во Битола допатува со три гола предност од првиот осминафинален дуел против Еурофарм Пелистер. Хрватскиот вицепрвак ќе се обиде да ја одбрани таа предност и да се пласира во четвртфиналето.

Победникот од двомечот го очекува пресметка со Вардар. Тренерот на Нексе, Хрвоје Хорват во најавата на реваншот ги истакна очекувањата од натпреварот против битолскиот тим.

„Мора да одиграме подобро од дуелот кој го игравме на домашен терен. Ни недостасуваат натпреварувачки дуели што сметам дека е главна причина за многуте грешки. Мора да играме добра одбрана која ни помогна да имаме предонст од првиот меч. Еурофарм Пелистер сигурно ќе го искористи домашниот терен и навивачите ќе бидат подготвени да создадат дополнителен притисок врз нас, заради што ќе мораме да бидеме фокусирани. На последниот натпревар покажавме карактер како тим, кој докажува дека можеме да играме против Еурофарм Пелистер“, изјави Хорват.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе Нашице се игра во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.