Холандија без многу мака до триумф над Ангола

Репрезентацијата на Холандија во третиот натпревар од Олимписките игри во Токио за противник ја имаше незгодната репрезентација на Ангола, но тоа не претставуваше никаков проблем за разиграните светски шампионки кои триумфираа со 37:28.

Во натпревар со многу голови, Холандија уште од самиот почеток беше во водство, иако на моменти, Ангола беше достоен противник.

Избраничките на Емануел Мајонад по десетина минути игра имаа водство од два разлика, 7:5 и успешно го контролираа резултатот во првото полувреме кое заврши со нивна предност од 17:15.

Веќе во вториот дел Ангола немаше сили да му се спротистави на својот противник. Холандија постепено ја градеше својата предност, а шанса на теренот имаа скоро сите ракометарки од двете репрезентации.

Фото: IHF

На дваесетина минути пред крајот, Холандија имаше солидни шест гола предност, 24:18. Останатиот дел беше само формалност во кој репрезентативките на Холандија ја зголемија својата предност за конечни девет гола разлика.

Најефикасна во репрезентацијата на Холандија беше Луис Абинг со шест гола, додека нејзините колешки, Кели Дулфер и Ангела Малештајн постигнаа по пет. Во составот на Ангола, Изабел Гуиало имаше солидна партија и беше прв стрелец во својата репрезентација со осум гола.

Денешната победа против Ангола беше трета во низа за репрезентацијата на Холандија. Следен предизвик за Холанѓанките е репрезентацијата на Норвешка. Ангола својата прва победа ќе ја бара против домаќинот Јапонија.