Ф4 за младинци – Голден Арт: Не сме случајно тука, целта е создавање играчи

Со настапот на младинскиот Ф4 ќе се заокружи и заврши уште една сезона. Наместо традиционално за викенд, последните мечеви што решаваат за распределба на медалите ќе се играа во недела и понеделеник. Голем дел од младите ракометари полагаат државна матура денеска (сабота) па затоа има поместување од еден ден на натпреварите. Редакцијата на 24Ракомет, како единствен специјализиран медиум за ракомет во Македонија ви ги претставува сите финалисти на Ф4, и преку нивните тренери ги пренесуваме очекувањата.

Еден од поновите клубови на ракометната мапа во Македонија, Голден Арт, кој е основан пред три години, оваа сезона може да се пофали со одлични резултати во сите возрасни категории, a особено во работата со младите.

Скопскиот тим е единствен што успеа да стигне на Ф4 турнирите со пионерите, со кадетите, а сега и со младинците. Никому тоа не му успеало сезонава. Имаа и две екипи во сениорска конкуренција, едните настапуваа во Супер лига, а другите во Прва лига.

Пионерскиот тим на Ф4 турнирот заврши на второ место, кадетите беа четврти во својата конкуренција, сениорите играа во плејаут во суперлигата и беа во врвот, додека младинците викендов ќе учествуваат на завршниот турнир во Богданци.

Младинците на Голден Арт регуларниот дел од тековната сезона го завршија на првото место во својата група. Голден Арт играше во групата А и за ривали ги имаше екипите на Бутел Скопје, Струга, Прилеп, Еурофарм Пелистер 2, РК Филип, Еурофарм Пелистер, Охрид и Пролет.

Избраниците на Филип Глигоров забележаа 13 победи, два порази и едно реми и со 40 бода беа лидери во првата група. Тимот на Голден Арт во четвртфиналето играше против Куманово и успеа да триумфира со 41:23 и си обезбеди пласман на Ф4 турнирот.

Младинскиот тим на Голден Арт паралелно со настапите во својата конкуренција играше и во Првата лига каде собираше големо искуство, но и се покажа во одлично светло, позиционирајќи се меѓу најдобрите шест прволигашки клубови. Токму настапите во Првата лига можат да бидат отскочна даска за младите ракометари, кои созреваат од натпревар во натпревар, дел од нив веќе се на прагот да го облечат и дресот на првиот тим.

„Со оглед на тоа дека во нашата група имаше три екипи од ланскиот завршен турнир за оваа генерација (Бутел, Пролет и Охрид) можам да кажам дека сум задоволен од постигнатото и сакам да им упатам честитки на моите играчи за одиграното и сработеното во досегашниот дел од првенството. Оваа сезона клубот многу вложи во оваа генерација, ни пружи одлични услови за работа, тоа го покажува и фактот што бевме пријавени да се натпреваруваме во Првата лига. Целта за оваа сезона е овие играчи да соберат што е можно поголемо искуство за дел од нив да се приклучат во првиот тим и за некоја година да бидат тие што ќе ја носат екипата. Во четвртфиналето ја имавме екипата на Куманово и можам да кажам дека пресуди подолгата клупа и фактот што противничката екипа настапуваше со кадетски играчи”, изјави Глигоров.

Голден Арт во полуфиналето на младинскиот Ф4 ќе се соочи со екипата на Младост Богданци која е организатор на турнирот. Според Глигоров, Младост ја има улогата на фаворит поради домаќинската улога, но неговите ракометари се свесни за големиот предизвик и ќе дадат сѐ од себе за да обезбедат пласман во финалето и да ја освојат титулата.

,,Младост е домаќин на овој турнир и поради тоа е благ фаворит, но ние не дојдовме случајно на Ф4 и кога сме веќе тука ќе се бориме до крај да го освоиме пехарот. Можам да кажам дека како никогаш досега нема истакнат фаворит, па ќе видиме дали домашната публика ќе биде клучна. Младост е одлична екипа, која исто така сезонава се натпреварува на два фронта и имаат искуство од вакви натпревари, така што не очекува интересен и возбудлив дуел. Голден Арт во претходните години беше блиску до учество на завршниот турнир, за влакно не успеавме да бидеме меѓу најдобрите четири екипи и оваа сезона конечно успеавме, па тоа тоа е доволен мотив за нас да покажеме дека не сме случајно во оваа група на екипи кои ќе се борат за трофејот во младинскиот шампионат”.

Ракометарите од младинскиот тим на Голден Арт во иднина би имале повеќе простор за покажување на своите квалитети. Предводникот на младинскиот тим, исто така е задоволен од напредокот на секој играч.

„Оваа група на играчи играше на два фронта и одигра огромен број натпревари во сениорска и младинска конкуренција. Секој играч во тимот напредува врз основа на тоа колку беше посветен и кои беа неговите капацитети. Клубот има намера да им даде уште поголем простор во иднина, а наскоро ќе се знае кои од нив ќе има статус на играч во суперлигашката екипа”.

Младиот тренер истакнува дека треба да се врати стариот систем, во кој играчите можеа да одат на позајмица во други клубови, додека во својата категорија да си настапуваа за својот матичен клуб. Со тоа правило, тие би играле повеќе натпревари во една натпреварувачка сезона.

„Најголем проблем на оваа генерација ракометари е укинувањето на т.н позајмица каде што добар дел од екипите оставија овие играчи од 18-19 годишна возраст да играат само во младинска конкуренција. Федерацијата мора да најде начин да го врати системот на позајмица, за да може младите ракометари да играат како позајмени во повисок ранг на натпреварување, додека во своите категории да играат за својот матичен клуб и на тој начин ќе созреат побрзо и ќе се има појасна слика за квалитетот на секој играч”, заврши Глигоров.

Ф4 турнирот кај младинците ќе се одржи на 28 и 29 мај во Богданци. Полуфиналните дуели се закажани за во недела, додека натпреварот за трето место и финалето за понеделник.

Младост организатор на Ф4, најдобрите младинци два дена во Богданци