Ф4 за младинци – Бутел: Сите имаат шанса за медал

Со настапот на младинскиот Ф4 ќе се заокружи и заврши уште една сезона. Наместо традиционално за викенд, последните мечеви што решаваат за распределба на медалите ќе се играа во недела и понеделеник. Голем дел од младите ракометари полагаат државна матура денеска (сабота) па затоа има поместување од еден ден на натпреварите. Редакцијата на 24ракомет, како единствен специјализиран медиум за ракомет во Македонија ви ги претставува сите финалисти на Ф4, и преку нивните тренери ги пренесуваме очекувањата.

Екипата на Бутел, која во ланската сезона го освои второто место во младинската конкуренција, сезонава повторно ќе има можност да се бори за медал, откако обезбеди учество меѓу најдобрите четири екипи. Младите ракометари на Бутел групата ја завршија на второто место, остварија 13 победи и беа поразени на три натпревари.

Бутел во регуларниот дел од оваа сезона играше во групата А заедно со екипите на Голден Арт, Пролет, Струга, Прилеп, Охрид, првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер и РК Филип. Младинците на Бутел се единствениот тим што е дел од РК Бутел што сезонава стигна до Ф4 во машка конкуренција.

Истата генерација лани играше во кадетска конкуренција и го освоија првото место на Ф4 турнирот. Сега поискусни, повозрасни одат на нов мегдан за освојување на медал.

Тимот предводен од Дарко Јанев по добриот настап во регуларниот дел од тековната сезона обезбеди пласман во четвртфиналето, во кое за ривал го доби Тиквеш и против составот од Кавадарци триумфираше со 34:26. Сега патуваат за Богданци со надеж дека она што го испуштија лани, можеби сега треба да го освојат.

Тренерот Дарко Јанев смета дека сите четири екипи од групата А кои обезбедија пласман во четвртфиналето (Бутел, Голден Арт, Пролет и Струга) биле најдобри и поквалитетни во однос на останатите екипи кои не успеаја да направат чекор повеќе.

,,Можам да кажам дека најтешко е кога играш со екипа која ќе ја потцениш, влегуваш немотивиран, а тоа резултира со лоша игра и резултат. Во нашата група, реално, пласман во четвртфиналето обезбедија најдобрите четири екипи, така што оценка за сработеното во групата не постои, но секогаш може подобро, но и полошо”, изјави Јанев.

Тимот на Бутел ќе атакува на медал на Ф4 турнирот во Богданци, кој ќе се одржи во периодот од 28 до 29 мај.

,,Секогаш треба да имаш цел, кога веќе стигнавме до Ф4 турнирот, нормално дека ќе атакуваме на медал, Како што напоменав, секогаш на дуелите треба да влегуваш мотивиран, да имаш самодоверба и да имаш респект кон секој ривал, а тоа моите играчи го покажаа во четвртфиналниот дуел против Тиквеш”.

Младите ракометари на Бутел во полуфиналето на младинскиот Ф4 ја имаат екипата на Пролет која во четвртфиналето го елиминираше Мулти Есенс. Јанев имаше пофални зборови за ривалот во полуфиналето, истакнувајќи дека Пролет е доста незгоден тим.

,,Според мене, за противник во полуфиналето ја имаме една од најнезгодните екипи во младинското првенство. Екипата на Пролет е лимитирана со број на играчи, но тие гинат до последната секунда. Така беше и на четвртфиналниот дуел со Мулти Есенс кога направија пресврт и триумфираа. Самиот настап на завршницата е голема мотивација и оваа сезона сите екипи имаат еднакви шанси за освојување на титулата”, заврши Јанев.

Полуфиналните дуели ќе се одиграат во недела, додека натпреварот за трето место и финалето се закажани за во понеделник.

Во првото полуфинале, кое ќе се одигра со почеток од 16:30, ќе се сретнат Пролет и Бутел Скопје.

Второто полуфинале го сочинуваат екипите на Младост и Голден Арт. Овој натпревар ќе стартува со почеток од 18:30 часот.

Младост организатор на Ф4, најдобрите младинци два дена во Богданци