Французите полни со самодоверба: Сакаме финале на СП!

За Франција настапот на Светското првенство 2023, кое ќе се одржува во Полска и Шведска ќе биде 24 учество на големото натпреварување.

Репрезентацијата на Франција на претходниот Мундијал заврши на 4. позиција, но една година подоцна, односно на Олимписките игри во Токио „сините“ иако не беа фаворити, сепак, со својата доминација го освоија првото место, со што ја надополнија својата колекција на медали.

Селекторот на Франција, Гијом Жил посакува со своите избраници да се вратат на победничките патеки на Мундијалите. Франција на Светското првенство 2017, на кое беше организатор на големиот настан, го освои златниот медал и на следните два Мундијали не успеа да дојде до посакуваната цел, така што настапот на шампионатот во јануари ќе биде вистински предизвик за ,,триколорите”.

,,Нашите амбиции се да блеснеме на Мундијалот. Покрај успехот на последните Олимписки игри во Токио, двапати имавме неуспех во полуфиналето на две од последните три натпреварувања, нашата желба е повторно да се најдеме во позиција да играме финале и секако, да победиме”, изјави Жил за официјалната страна на француската федерација.

Франција на Светското првенство 2023 ќе игра во група со Словенија, Полска и Саудиска Арабија.