Фантастичната Радичевиќ без грешка, Црна Гора за едно полувреме ја среди Ангола

Селекцијата на Црна Гора имаше победнички старт на Олимписките игри во Токио откако славеше над африканскиот првак Ангола со убедливи 33-22, а најголема заслуга за тоа имаше екс ракометарката на Вардар, Јованка Радичевиќ.

На стартот Анголките беа тие што водеа со по еден гол разлика во неколку наврати, но на средината на првиот дел избраничките на Бојана Поповиќ полека ја преземаа контролата на теренот, иако ниту тие не можеа да направат поголема предност од два гола. На пауза се замина со 13-12 за Црна Гора.

Стартот на вториот дел беше клучот. Анголките влегоа во серија грешки, кои беа казнети од Мехмедовиќ, Јауковиќ, Брновиќ и Црна Гора за седум минути стигна до плус седум, 19-12 и го скрши отпорото на жилавиот противник.

Понатаму до крајот се беше само рутинско одработување на задачата и предноста на Црна Гора само се зголемуваше до конечните 33-22. Најдобар стрелец кај Црна Гора беше Јованка Радичевиќ со 12 гола од 12 обиди, додека по четири дадоа Грбиќ, Брновиќ и Мехмедовиќ. Кај Ангола се истакна Фонсека со шест погодоци.