Ученикот го замени учителот: Вори по 12 години го смени тренерот на голмани во Загреб!

Долгогодишниот тренер на голманите во Загреб кој беше поранешен репрезентативец на Хрватска, Марио Келентриќ, заминува од клубот после 12 години поминати во шампионот на Хрватска. Дел од нив на голманската позиција, дел како тренер на голманите.

На негово место, новиот тренер на клубот го назначи многу младиот Ариан Јовиќ кој е поранешен младински репрезентативец на Хрватска со генерацијата 1996. Тој не успеа да се наметне во сениорска конкуренција и да ја продолжи кариерата како голман, но на само 24 години ќе стане тренер на голманите во Загреб.

Првата одлука на Вори како главен на стручниот штаб на Загреб предизвика многу реакции во хрватската јавност. На Јовиќ ова ќе му биде прв ангажман како тренер, но веројатно немаше да има лавина критики, ако не се работеше за син на Божидар Јовиќ, генералниот менаџер на клубот.

Јовиќ е неколку години помлад од првиот голман Матеј Ашанин кој беше дел од репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство во јануари кога го освија сребрениот медал.

Голманскиот пар на Загреб во наредната сезона ќе го сочинуваат Матеј Ашанин и Тодор Јандриќ, Радивоје Ристановиќ го напушти клубот.