Тежок пораз за Вардар, реваншот во Веспрем ќе биде само формалност

Ракометарите на Вардар претрпеа тежок пораз на првиот дуел од осминафиналето против составот на Веспрем откако денеска одиграа натпревар со многу голови и резултат 27:41.

Кој ќе дојде до победата стана јасно премногу рано. Вардар се држеше во првите 5-6 минути и беше закана по голот на противникот. Имаше игра во која противничките ракометари лесно се селеа на клупата за две минути, но немаше игра за да се дојде до лесно совладување на Коралес кој беше проблем уште од првата минута.

Предноста се зголемуваше премногу лесно. Веспрем имаше 5:2 на истекот на 10. минута, а потоа и 12:6 во 20. минута. Оваа негатива од шест гола само потврдуваше дека Вардар тешко ќе може да се врати во натпреварот. „Црвено-црните“ не успеаја да намалат туку до крајот на првото полувреме дојдоа и до минус десет, а на одмор заминаа со 11:21.

Во второто полувреме мораше да се ризикува. На моменти мораше да се оди без голман за да се бара шанса за да се постигне гол, а тој ризик многу често завршуваше со пресекување на акцијата и реализација на противникот. Тоа носеше само зголемување на бројот на головите.

Вардар – Веспрем (Лига на шампиони)

Вардар загуби од Веспрем во првиот натпревар од осминафиналето со 27:41 на домашен терен. Гостите од Унгарија водеа од почетокот на средбата, а на полувреме имаа 21:11 и практично се веќе во четврт-финалето додека реваншот е само формалност.

Веспрем многу лесно погодуваше во празниот гол на Вардар или од контра, па беше јасно дека на оваа средба бројот на примени голови ќе биде барем 40. На крајот гостите застанаа на 41 гол, а предноста од 41:27 е и повеќе од доволна за Веспрем веќе да се прогласи за патник во четврт-финалето и да почне да се подготвува за пресметка против подобриот од дуелот меѓу Келце и Нант.

ВАРДАР – ВЕСПРЕМ      27:41 (11:21)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Иван Павичевиќ и Милош Ражнатовиќ од Црна Гора. Делегат: Драган Начевски од Македонија.

ВАРДАР: Ристовски (5 одб.), Кантегрел (1 одб.), Шеваљевиќ, Валчак 3, Јагуриновски, Стоилов 3, Димитриоски 1, Георгиевски 3, Дисингер 1, Јотиќ 4, Калараш 2, Гаџа 1, Чупиќ 8, Талески, Дибиров 1, Векиќ.

Седмерци: 2/3 , Исклучувања: 4 мин.

ВЕСПРЕМ: Коралес (13 одб., 1 сед.), Цупара, Манасков 4, Јахја 7, Мораеш 3, Тонесен 3, Нилсон 2, Маркусен 2, Лигетвари, Маргуч 8, Штрлек 1, Благотиншек, Шишкарев 2, Ненадиќ 3, Лекаи 2, Борозан 4.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 8 мин.