Тајна операција на Нора Мерк – десетта по ред на коленото!

Десниот бек на ЧСМ Букурешт и на норвешката репрезентација, Нора Мерк, во февруари била на тајна операција на коленото, пишуваат медиумите во нејзината татковина.

Ракометарката не сакала за тоа да се знае во јавноста, но кога веќе беше откриено, реши да каже за што се работи. Таа се уште се опоравува од повредата на предните вкрстени лигаменти што ја заработи на почетокот на сезоната

„За среќа, мојата десетта операција не беше од сериозен карактер. Тоа беше мала корекција на менискусот. Два дена бев на штаки, една седмица одморив, па се вратив во нормала. Сега можам да признаам дека веќе имам двоцифрен број на операција. Но тоа беше потребно. По оваа интервенција, работите одат на подобро. Последниот период можам да тренирам со полна сила и не чувствувам болка и неудобност. Среќна сум. Ако не беше коронавирусот, овој месец ќе можев да се вратам на теренот. Да  видиме што ќе се случи во јуни. Но има шанси да се прекине и првенството во Романија, па да се вратиме дури на почетокот на следната сезона“, вели Мерк.

Романскиот шампионат се уште не е комплетиран, а одлуката за тоа дали ќе се продолжи или ќе се прекине, ќе биде соопштена на 4 мај.