Спасовски: Плеј-офот го обезбедивме, нашата цел сега е место во Европа

Тимот на Бутел Скопје и математички го потврди местото во плеј-офот во Суперлигата, откако освои бод на гостувањето кај Еурофарм Пелистер 2 на мечот кој заврши 23-23.

Избраниците на Кристијан Грчевски можеа да го освојат и целиот плен во Битола, но можеа на крајот и да бидат поразени.

Капитенот на бутелци, Бојан Спасовски, вели дека целта за полусезоната е остварена со пласманот во разигрувањето за титулата.

„Имавме неколку неискористени шанси да се одлепиме од противникот, но на крајот можеби ремито е најреално. Останавме присебни во завршницата и ја остваривме целта. На дуелот со Еурофарм Пелистер 2 се потврди нашата истрајност и посветеност и покрај проблеми со короанвирусот кои не не одминаа ниту нас. Се игра со забрзан ритам, а тоа не е лесно. Имавме големи проблеми и со повредите, не сме фит, но и пкрај тоа стигнавме до плеј-офот. До крајот на годината ни остануваат уште два меча, кои ќе ги одиграме сериозно за да ја заокружиме полусезоната со позитивни резултати“, вели Спасовски за 24Ракомет.

Напролет во битката за титулата ќе се приклучат и Вардар и Еурофарм Пелистер, па не очекува интересна завршница на Суперлигата.

„Во ова лудо време, не можеме да предвидиме што ќе се случува напролет, но се надевам дека ќе може да играме во континуитет и без претумбации во распоредот. Сепак нас ништо нема да не дефокусира од нашата цел, а тоа е обезбедување по третпат во нашата историја место во европските купови“, заврши Спасовски.

За Бутел Скопје остануваат уште две средби од регуларниот дел од Суперлигата, на домашен терен против Прилеп и на гостински против Металург.

Голема драма во Битола – Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје освоија само по бод (ФОТО)

Еурофарм Пелистер 2 не признава фаворити, со реми против Бутел на чекор од плеј-оф (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Дрогришки: Одиме чекор по чекор, од нас може да се очекуваат уште подобри партии