Ѓорчески го остварува сонот во Вардар: Кога зборувам за европските титули, се ежам

Младиот Марко Ѓорчески добива шанса со првиот тим на Вардар во подготвителниот период. По две репрезентативни првенства и пеколно лето, за него доаѓа нов предизвик - да се наметне кај Иван Чупиќ и да покаже дека може да го носи „тешкиот“ црвено-црн дрес.

За Марко Ѓорчески турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид носи многу повеќе од уште неколку подготвителни натпревари. Младиот ракометар доби можност да биде дел од првиот тим на Вардар, и шансата да тренира и игра со сениорите.

Ѓорчески добро знае што значи дресот што го носи.

„Сите знаеме колку е тежок дресот на Вардар, кои играчи го носеле и колкаво значење има логото што го носам. Јас ќе дадам сè од себе и максимум за Вардар“, вели Ѓорчески.

Ѓорчески беше дете кога Вардар ги освојуваше најголемите европски трофеи, а тие моменти и денес добро ги памети.

„Сите знаеме дека Вардар двапати ја освои Лигата на шампионите. Тоа е можеби најголемиот успех во македонскиот спорт. Се сеќавам како мал на прославата на плоштадот кога дојдоа играчите. Кога ќе кажам – скопски Вардар, европски шампион – и сега се ежам. Огромно задоволство е да играм за ваков клуб.“

Уште поинтересно е што тренерот кој сега му ја дава шансата е човекот кого Ѓорчески го памети како еден од хероите на европскиот Вардар.

„Имам преголем респект кон Чупиќ и како играч и како тренер. Тој го постигна можеби најважниот гол во историјата на Вардар. Сите знаеме што се случи во тие седум секунди. Беше голем играч, а сега гради тренерска кариера и можам да кажам само пофални зборови за него.“

Ѓорчески до првиот тим стигна по исклучително напорно лето. Зад себе има настапи со младинските македонски селекции и две големи натпреварувања, со вкупно 16 натпревари и два подготвителни периода.

„Одиграв две првенства, младинско и кадетско. Со тоа доаѓа огромен замор – 16 натпревари и две тешки подготовки. Но мислам дека многу ми помогна. Добив големо искуство, играв против многу добри играчи и можев да видам каде сум во споредба со врсниците од цела Европа.“

Заморот сè уште е присутен, но Ѓорчески чувствува дека од ден на ден е подобро. Сега пред него е друг тип предизвик – сениорски ракомет и борба за секоја минута.

Како играч кој голем дел од задачите ги има во дефанзивата, Ѓорчески потенцира дека присуството на поискусните ракометари му е од огромна корист.

„Многу ми помагаат и на тренинзите и на натпреварите. Тоа многу ми значи. Имаме добар тренер, добар стручен штаб и искусни играчи од кои можам да учам.“

Не очекува ништо да дојде преку ноќ. Знае дека до вистинско место во сениорскиот состав ќе мора да стигне со работа.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________