Седлоски: Сакаме Прилеп повторно да има клуб со кој ќе се пофали и во Европа

Поранешниот судија, а сега генерален секретар на ракометниот клуб Прилеп, Рубинчо Седлоски, и оваа година ќе биде дел од организацискиот одбор на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.

Седлоски денеска на прес-конференција, го најави стартот на 11. издание на турнирот, на кој учество ќе земат шест македонски екипи меѓу кои и домаќинот Прилеп.

„Од оваа година и официјално сум генерален секретар на клубот и можам да кажам дека организацискиот дел е подигнат на ниво на кое, според мене, долго време не бил. Јас сум речиси 40 години во ракометот – најпрво како играч, а потоа и како дел од луѓето кои учествуваа во создавањето и работата на клубовите во Прилеп. Сметам дека клубот оваа година е поставен на многу високо организациско ниво. Ако во следниот период успееме, заедно со надлежните институции, да го решиме и проблемот со спортските сали, организацијата ќе може да се подигне уште едно скалило погоре“, вели Седлоски.

За разлика од претходните години кога играше во суперлигашкиот плеј-аут, Прилеп сега сака да биде дел од разигрувањето за титулата во македонската Супер лига.

„Наша цел е излез во Европа и тоа е предвидено и во проектираниот буџет. Ако ја оствариме таа цел, мора да имаме спортски објект кој ќе биде ставен во функција и ќе ги исполнува потребните услови. Сакаме Прилеп повторно да има клуб со кој ќе може да се пофали и во европски рамки“, продолжи Седлоски.

Проблемот со салите во Прилеп е одамна актуелен, но никако да се најде решени, па ракометарите мора да играат во гимназиска сала.

„За проблемот со салите зборувам долги години и постојано барам решение од надлежните. Тоа е проблем и на централно и на локално ниво и трае предолго. Се надевам дека сегашната структура на локалната самоуправа, предводена од градоначалникот Дејан Проданоски, има желба да го реши овој проблем. Според информациите што ги имаме, постои ангажман во таа насока и треба да им дадеме време за да дојдеме до конкретно решение. Најголемиот проблем со недостигот на сала не е само првиот тим. Тоа директно се одразува и на младинските категории. Во моментов имаме три млади категории што работат во клубот, а ако имаме подобри услови, можеме да имаме и пет. Со години, со поддршка од локалната самоуправа, не наплаќаме членарина од децата. Секое дете што сака да тренира ракомет во Прилеп има можност тоа да го направи бесплатно. Тоа е многу важно за нас и сакаме да продолжиме во таа насока. Кога ќе се реши прашањето со спортската инфраструктура, мислам дека целиот клуб може да дојде на уште повисоко ниво“, заврши Седлоски.

Бранителот на трофејот, екипата на Охрид, оваа година нема да игра на турнирот, но гледачите ќе имаат можност да следат интересни натпревари на шест македонски екипи.