ОХРИД 2026: Загреб лесно се справи со Египет – сега ќе го чека Охрид

По вчерашната тешка победа над српскиот вицепрвак Војводина, ракометарите на Загреб запишаа втор триумф на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид.

Избраниците на Хрвоје Хорват ја совладаа младинската репрезентација на Египет со убедливи 38-28, откако и на полувремето имаа предност од седум гола, 20-13.

Победникот беше јасен уште по првите триесетина минути, па вториот дел беше само рутински одработен од хрватскиот шампион.

Двајцата стратези комбинираа со составите, им дадоа шанса на сите ракометари што ги имаа на располагање.

Со оваа победа Загреб е прв на табелата во групата А со четири бода, пред Охрид кој има два бода, но и меч помалку од хрватскиот првак. Ако нашиот тим слави против Војводина, ќе се израмни со Загреб и во директен дуел ќе решава за првото место во групата.