Дрогришки: Одиме чекор по чекор, од нас може да се очекуваат уште подобри партии

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 пропушти шанса по Металург, да победи и уште еден фаворит, Бутел Скопје. Битолчани можеа да победат, но можеа и да загубат, па на крајот ремито 23-23, е најреален исход од дуелот со Бутел. Сега ќе мора почекаат уште најмалку едно коло за да го потврдат местото во плеј-оф.

Поранешниот репрезентативец Стефан Дрогришки, полека се враќа во старата препознатлива форма и станува еден од најдобрите стрелци во битолскиот тим. Тој вели дека повредата е зад него и подготвен е да го дава максимумот на терен.

„Повредата е зад мене, и можам да кажам дека се враќам во полна играчка форма. Иако имав голема пауза, и малку проблеми на стартот бидејќи се работи за шутерското рамо, сепак мислам дека сум подготвен да го давам максимумот на терен“, вели Дрогришки за 24Ракомет.

Битолчанецот смета дека ремито против Бутел Скопје е најреален исход.

„Ние знаевме и пред мечот дека Бутел Скопје е искусна екипа, тврда екипа, со играчи што знаат да играат ракомет. Можевме да го решиме пласманот во пласманот во плеј-офот, но на крајот ремито е најреален исход. Сигурно ќе одиме на победа во Прилеп, и дополнително ќе го анализираме нивниот меч со Тиквеш. Сепак ќе имаме шанса да си ги оствариме зацртаните амбиции“, продолжува Дрогришки.

Тој вели дека прво мислите се насочени кон обезбедувањето на место во плеј-офот и не се размислува на подолги патеки.

„Да одиме чекор по чекор, но сигурен сум дека можеме да парираме и на многу посилни екипи, иако сме да кажам некоја нова екипа. Мислам дека во плеј-оф би можеле уште повоиграни да одиграме уште подобри партии. Пак ќе кажам, сакам да одиме чекор по чекор и прво да го потврдиме местото во плеј-офот, а потоа ќе коментираме што понатаму“, заврши Дрогришки.

Ако Тиквеш и Прилеп загубат во следното коло, избраниците на Александар Јовиќ кои се слободни, ќе бидат сигурни во плеј-оф, ако еден од тие два тима победи, ќе мораат битолчани на последниот нивен дуел оваа година да освојат најмалку бод кај Прилеп.

Голема драма во Битола – Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје освоија само по бод (ФОТО)

Еурофарм Пелистер 2 не признава фаворити, со реми против Бутел на чекор од плеј-оф (ФОТОГАЛЕРИЈА)