Со Словенците нема шега – ја демолираа Хрватска пред ЕП!

Првиот ривал на Македонија на Европското првенство во Унгарија и Словачка, репрезентацијата на Словенија, славеше на првиот тест пред континенталниот собир. Избраниците на Љубомир Врањеш беа подобри од селекцијата на Хрватска во Целје со убедливи седум гола разлика, 33-26.

На стартот се играше гол за гол, а по неколку одбрани на словенечкиот голман Базник, Словенија се одлепи на плус три 9-6. Потеко им правеше многу проблеми на гостите, Маргуч лесно реализираше во контра, погодуваше и седмерци, но Хрватите се вратија набрзина на минус еден.

Во последнната минута од првиот дел се влезе со 16-15, хрватските репрезентативци имаа напад за реми, но погрешија и голманот Базник погоди на празен гол за 17-15 за Словенија на паузата.

Во вториот дел, по 26-23, Словенците ги искористија сите грешки на избраниците на Хорват и стигнаа до највисоки плус осум, 31-23, па до крајот немаше дилеми околу победникот на овој натпревар.

Иако првите голмани на Словенија, Кастелиц и Лесјак не се приклучени на подготовките, сепак нивните замени Базник и Пантјар имаа одлични изданија. Најдобри стрелци во словенечкиот состав беа крилата Маргуч и Јанц, кои иако играа само по едно полувреме постигнаа по седум погодоци. Кај Хрватска се истакна Циндриќ со пет гола, вардарецот Гаџа даде два, додека пелистерецот Мараш не се запиша во листата на стрелци.

Полска по поразот од Тунис се врати на победнички патеки откако славеше минимално против Јапонија со 28-27. Прв стрелец во тимот на Ромбел беше Дашек со осум гола, а втор вардарецот Чувара кој постигна четири погодоци, додека Валчак не се запиша во листата на стрелци.

Пријателски натпревари, резултати:

Летонија – Естонија 27-22
Македонија – Кувајт 22-21
Тунис – Холандија 28-33
Романија – Турција 35-25
Италија – Белгија 35-25
Полска – Јапонија 28-27
Словенија – Хрватска 33-26