Составите се енигма: Ќе играат ли Стоилов, Дибиров, Табоада, Кукоски…?

Вечерва во Битола се игра големото дерби на македонскиот ракомет меѓу Еурофарм Пелистер и актуелниот шампион Вардар.

Двете екипи не ги одминаа проблемите со повреди во текот на сезоната, а многу веројатно така ќе биде и на денешниот двобој што може да ја реши титулата.

На последните натпревари на Вардар во суперлигашкиот плеј-оф не играа Тимур Дибиров кој се повреди против Тиквеш, а во ростерот на Давид Дејвис ги немаше ниту Анте Гаџа, Жереми Тото, Дарко Ѓукиќ…што поради ограничувањата за странци, што поради повреди.

На последниот натпревар со Охрид на гостински терен се повреди и капитенот Стојанче Стоилов, не играше ниту Кевин Њокас, па ќе видиме со каков состав ќе истрча Вардар не теренот во Битола.

Проблемите не го одминува ниту Жељко Бабиќ. Проблеми со повреда во последните неколку меча имаше Реине Табоада, против Тиквеш не настапија ниту Јосип Периќ и Милорад Кукоски, па и битолчани не се без проблеми пред дербито.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар се игра вечерва во „Боро Чурлевски“ со почеток во 19:00 часот.