СЛАВЕ НИКОЛОВ: Сè е подготвено за старт! РФМ има и план А, и Б, и Ц, за да се игра ракомет

По пауза од шест месеци македонскиот ракомет се подготвува за ре-старт во услови на пандемија. На 11 септември е закажано првото коло од регуларниот дел од машката Суперлига, за која Ракометната федерација на Македонија пред една седмица прецизираше дека ќе се игра со набиен календар.

И не само тоа РФМ повлече голем потег, ги ослободи клубовите од котизацијата и од сите трошоци за тестовите за Ковид-19, се со една цел – да се игра ракомет. Желбата на клубовите и на Федерацијата треба да стартува со реализација за една седмица. Комесарот за натпреварување на РФМ, Славе Николов, во разговор за 24Ракомет откри со какви предизвици и во какви околности и услови сезонава ќе гледаме домашен ракомет.

„Минатата сезона кога настапи пандемијата сите првенства низ Европа како и нашето беа стопирани. До последен момент чекавме да се создадат услови тоа да биде завршено на некој регуларен начин и како што треба, на терен. Но со сите забрани, мерки, карантини и полициски час се виде дека нема услови за нормален финиш на сезоната. Во консултации со сите клубови, интерно во РФМ, со челниците и Управниот одбор, се дојде до заклучок дека првенството мора да се затвори на ‘зелена маса’. Со прекинот на системот и пропозициите не можеше да функционираат, се пропадна. За сите да бидат задоволни и секој да го оствари правото што го заслужил, да не се најде некој повреден или обесправен се даде решение. Секако сето тоа беше во соработка со клубовите, тие беа комплетно инволвирани, се согласија 100-постотно околу промените, разбраа што е поентата на РФМ. Настапивме со конкретен предлог, кој од претходно беше издефиниран со клубовите и добивме комплетна поддршка од сите субјекти во ракометот. На крајот мислам дека дојдовме до правилен и вистински избор како да се продолжи оваа сезона. Дозволивме тие клубови кои по некои правила требаше да испаднат да останат во највисокото по ранг натпреварување, но и оние кои требаше да се пласираат во тоа друштво, да си го остварат таквото право. Се создаде една бројка од 16 екипи, вклучувајќи ги тука и Вардар и Еурофарм Пелистер кои ќе се приклучат во плеј-офот на Супер лигата на пролет. За останатите направивме еден модел две групи по седум екипи кои ќе играат дома – гости, од каде најдобрите три екипи од групите со Вардар и Еурофарм Пелистер ќе го формираат плеј-офот, а останатите осум тима плеј-аутот. Во плеј-оф ќе се игра двокружно и првопласираниот ќе биде шампион. Во плеј-аут лидерот ќе остане во Суперлигата, додека второпласираната екипа ќе игра еден бараж натпревар со најдобриот тим во Првата лига, а победникот од тој дуел ќе обезбеди пласман во Супер лигата во сезоната 2021/2022“ – започна со деталите главниот и одговорен за Лигите, Славе Николов.

РФМ се подготви за новата сезона, но на неполн месец пред нејзиниот старт се случува нов момент, одново дефиниран од ‘виша сила’, кој го натера да направи промени во планот.

„Кога го дефиниравме сето тоа, се соочивме со нов предизвик, одново да мора да правиме промени. Од медицинскиот партнер на Федерацијата ‘8 септември’ добивме препораки дека за се да се изведе според замисленото мора да се следат поставените протоколи од РФМ и Комисијата за заразни болести. Распоредот беше направен за првенство во нормални услови, но следејќи ја здравствената ситуација дојдовме до заклучок дека мора да го збиеме темпото и се да се заврши до средина на есента, бидејќи се најавуваат нови влошувања на ситуацијата. Затоа не направивме промена на системот, туку во термините за одигрување на натпреварите. Сега имаме збиен календар за да се овозможи одигрување на натпреварите и регуларниот дел од првенството да може да се заврши на условно кажано нормален начин. РФМ на време мисли за сите проблеми кои се појавуваат поаѓајќи од претседателот Живко Мукаетов и генералниот секретар Филип Милошевски, па до сите други ангажирани во Федерацијата. Во секојдневна координација сме како тоа да се спроведе најбезболно и во константна комуникација со клубовите за сето тоа да се доведе до некое нормално ниво и да биде прифатливо за сите.“

Клубовите како главните актери се на иста бранова должина со РФМ. Взаемната соработка за доброто на ракометот, флексибилноста од двете страни, како и разбирањето со што се соочуваат и едните и другите, се чини дека најдобро се рефлектира со потезите на Федерацијата.

„Став на сите клубови беше дека се желни за ракомет и дека паузата беше долга и сите сакаат да играат ракомет. РФМ како куќа одговорна за тоа мораше да најде систем кој ќе им одговара на сите. Кога добивме налог дека мора да менуваме нешто, во сите контакти со клубовите добивме повратно инфо дека прв и најголем проблем на сите се финансиите за тестовите за Ковид-19. Тоа беше пренесено до првите луѓе на Федерацијата кои превземаа една голема одговорност, направија план и се излезе во пресрет на клубовите за како максимално да им се олесни во финансискиот дел. РФМ е крајно флексибилна, ги чувствува сите клубови како партнери во ситуацијата, мора и така да се однесуваме, едни без други не можеме. Со усвојувањето на моделирањето на начинот на играње исто така ја укинаа и котизацијата, и секако најважното комплетно РФМ ги покрива трошоците околу тестирањата за Ковид-19 и за клубовите и за официјалните лица. Со овој потег Федерација наиде на големо благодарам од клубовите. Дури и во идејата за забрзан начин на играње од скоро сите клубови најдовме разбирање и поддршка ова да се изведе. Свесни сме дека ќе настанат некои организациски проблеми, некоја сала нема да може термински да се обезбеди, но секогаш има план Б. Се е испланирано, дури и во случај да ни се случи ланското сценарио. Се размислува на сите варијанти, но она што ни е сега главна тема е Суперлигата да почне на 11 септември. Се е подготвено, првите две кола се веќе комплетно дефинирани,се мислеше на се, но мора да бидеме свесни дека ќе се соочиме со сценарија кои никој не ги посакува, но ќе ги решаваме во чекор“, оптимист е Николов.

НИКОЈ НЕ ГО САКА ЛАНСКОТО СЦЕНАРИО

За РФМ во моментов е најважно регуларниот дел на сезоната да се одигра, а потоа на пролет ќе се следи ситуацијата и ќе се знае како ќе се продолжи. Ланското сценарио и административен крај е нешто што најмалку се посакува.

„Се прават напори регуларниот дел да заврши како што треба. Ланското искуство вели дека работите ќе бидат многу поедноставни ако имаме комплетиран прв дел од првенството. Ако регуларниот дел е завршен, потоа ќе можеме да го моделираме плеј-офот во зависност од условите. Луѓето кои работат во РФМ мислат на се. Имаме и план Б, и план Ц, но одиме фаза по фаза, прво скокни, па речи оп. Ако биде се добро, плеј-офот ќе се игра со нормален календар, но сега однапред не може да кажеме. Ништо не е оставено на случајност, но чекаме, не носиме избрзани одлуки, за сето тоа повторно велам да биде во корист на клубовите и ракометарите. Никој не го посакува сценариото да не може плеј-офот во Суперлигата да се доигра. Не сакам тоа да се случи. Лани беше многу напорно како тоа да се реши и мислам дека се донесе вистинската одлука, за оваа сезона не можам ништо да кажам затоа што во вакви кризни ситуации последниот збор го има Управниот одбор на РФМ. Никој не може да знае, но верувам дека ќе се водиме од тоа што е најдоброто за македонскиот ракомет.“

ЌЕ ГЛЕДАМЕ ДОМАШЕН РАКОМЕТ НА ТВ

Протоколот ќе биде „главното правило“ на кое ќе мора сите да се придржуваат за да може се да мине со што помалку проблеми. Публика нема да има, ниту новинарите нема да имаат пристап во сала, а сите клубови, ракометари и официјални лица ќе мора да се однесуваат одговорно.

„Протоколот е комплетно дефиниран. Секој вторник клубовите ќе треба да ги дадат информациите за двете кола што следуваат. Секоја среда мобилни екипи од ‘8 Септември’ ќе се тестираат клубовите и официјалните лица од другите градови, додека во четврток ќе се тестираат екипите и службените лица од Скопје. Петок и понеделник ќе се играат натпреварите. Доколку сите сме одговорни и внимателни и го следиме протоколот, иако сум свесен дека тоа ќе биде тешко некогаш, сепак верувам дека машката Супер лига ќе може да ја завршиме без проблем. Распоредот за Првата машка лига, која треба да стартува на 25 септември, како и за жените, кои треба да почнат на 18 септември го имаме подготвено, но се уште не е доставен. Во овие лиги голем дел од играчите се младинци и чекаме да видиме каква ќе биде ситуацијата со училиштата, дали ќе има физичко присуство или ќе се учи он-лајн, пред се да биде дефинирано“, објаснува првиот човек на Лигите и додава:

„Во сала нема да има публика, мислам дека нема да биде дозволено ниту присуство на новинари. Затоа РФМ е во финални преговори покрај лајв стримот на официјалната страна да се врши и ТВ пренос на натпреварите. Еден до два натпревари од Суперлигата, Првата лига и Женската лига, во зависност од интересот и техничките можности на куќата. Веќе се обезбедени и термини за првите две кола, но се чека само официјалниот потпис.“

КАРАНТИН САМО ЗА ПОЗИТИВНИОТ ИГРАЧ

Доколку се појави позитивен играч на коронавирусот или официјално лице истите ќе бидат заменети со нови, а нема цела екипа да подлежи на карантин.

„Насоките се ако во една екипа има позитивен играч, тој играч ќе биде надвор од конкуренција и ќе се замени со друг. Ако се тргне со начин на праќање на цел клуб во карантин, свесни сме дека нема да има никакво првенство. Ќе треба и нивниот претходен противник да паузира. Истото ќе се однесува и за официјалните лица. Ако сите чинители се придржуваат до протоколот мислам дека нема да имаме големи проблеми. Мора да сме сите свесни и одговорни. Ако се придржуваме ќе успееме нормално да ја завршиме полусезоната.“

„ФРЛЕН ВО ОГАН“ – ТАКА НИКОЛОВ ЈА ПОЧНА ФУНКЦИЈАТА

Само месец дена од неговото именување за Комесар за натпреварување при РФМ, Славе Николов се соочи со ненормални услови, пандемија од Ковид-19…

„Како што дојдов на функцијата, така се случи коронавирусот. Имам 30-годишно искуство како судија, но сум многу кусо на оваа позиција и морам да се заблагодарам на челниците за довербата и на колегите кои ми даваат поддрршка и од кои се уште учам. Се случија такви работи годинава што не верувам дека во ниту едни пропозиции на светот не било предвидено вакво сценарио. Сведоци сме дека сите првенства завршија на сличен начин и решенијата беа горе-долу на зелена маса, ние гледавме што е најдоброто за нашата Федерација и константно се бориме со проблеми кои ги создава вишата сила. Се работи 24/7, не само јас, туку сите вклучени во процесот. Не е само ковид ситуацијата, работиме на усовршување на многу работи во РФМ. Направивме системско решение за се, односно сите формулари и административни обврски на клубови, официјални лица, организација, за Управен одбор се е во електронска форма. Новитет се и електронските записниците и за Првата лига мажи од оваа сезона. Ние имаме решенија, но тие се моментални и во зависност од условите кои се диктираат во зависност од однесувањето на коронавирусот. Не зависи од човечки фактор, ова е виша сила со која се соочуваме и мора да следиме и да бидеме трпеливи.“