Скопје пак е на врвот, Јехона немоќна во Автокоманда

Ракометарите на Скопје 2020 на домашен терен триумфираа против Јехона со 31:27 во рамките од 8.коло од плеј-офот во Првата лига. Со денешната победа, Скопје се врати на првата позиција на табелата, барем додека Шампион да го одигра мечот со Металург РА.

Гостите од Гостивар беа рамноправен противник до првата половина од првиот дел. Јехона со головите на Салиу имаше водство од 2:1 по пет минути игра. Избраниците на Андријана Будимир во следните минути беа подобри на теренот, ги искористија грешките на противникот и со добрата одбрана успеаја да воспоставаат резултатска контрола. Пешевски во 23.минута ги постави највисоките четири гола разлика, 12:8, во корист за домашната екипа. На полувреме, Скопје имаше предност од 17:12.

Во вториот дел, Јехона се обидуваше да се врати во игра. Саилу намали на  20:17, но потоа возрати и Мишевски за 21:17. Пешевски и Мишевски ја одржуваа предноста на домаќинот, додека ракометарите на Јехона во последните десет минути немаа доволно сила да му парираат на денешниот противник, кој апсолутно ја заслужи победата.

Најефикасен во составот на Скопје 2020 беше Марио Мишевски со осум гола. Стандардно, во составот на Јехона предводник на стрелците беше, Адис Салиу со 11 гола. Во следното коло Скопје ќе игра против Драчево, Јехона повторно ќе биде гостин во Автокоманда, но за следен противник ќе го има составот на Металург РА.