Се буди ракометно Неготино – сè освен бараж за Суперлига ќе биде неуспех

Тимовите на Вардар Неготино и Аеродром се двата најголеми фаворити за првото место во Првата лига, кое годинава нема да носи директен пласман во елитата.

Првопласираниот тим ќе носи само бараж за место во Суперлигата, која од сезоната 2021/22 ќе брои само десет екипи.

Неготинци активно се подготвуваат за новите предизвици, кои би требало да започнат на 19/20 септември.

„Тренираме во Неготино, а првиот викенд од септември планираме да продолжиме на подготовки во Дојран. Таму ќе одиграме две пријателски средби со Младост Богданци и Партизан Гевгелија. Планираме два тренинзи на ден и полека да ја креваме формата пред стартот на Првата лига. Ростерот е комплетиран, а кадетскиот репрезентативец Ѓорѓи Ташев, кој го скрши малиот прст на ногата, ќе се приклучи следната седмица. Тренерот Филипов е задоволен од ангажманот на ракометарите, и очекува од нив место во баражот – се друго ќе биде неуспех. Ние сме компактна екипа, спој на младост и искуство. Во ракометно Неготино посакуваме да се врати времето на Повардарие, кога и најсилните тимови како Вардар, Металург, Пелистер знаеле да потклекнат“, вели претседателот на Вардар Неготино, Тоше Кузманов.

Неготинци во Првата лига ќе играат во групата Б заедно со Куманово, Македонија Ѓорче Петров, Скопје, Металург РА, Партизан Гевгелија, Текстилец и Делчево.