Серафимова за 24Ракомет: Норвешка е фаворит, но ние ќе играме на максимум!

Женската репрезентација на Македонија утре ќе го одигра првиот од двата натпревари против селекцијата на Норвешка во рамки од ЕХФ Евро Купот. Скандинавската репрезентација веќе пристигна во Скопје за првиот дуел против избраничките на Љубомир Савевски, но нема да настапи со најсилен состав.

Една од голманките во македонската репрезентација, Матеја Серафимова, истканува дека во утрешниот натпревар против актуелниот европски и светски шампион, подмладената репрезентација на Македонија ќе има што да покаже пред својата публика.

„Може да се каже дека репрезентацијата на Норвешка е фаворит на хартија, но ние сме една репрезентација која никогаш не се предава, се бориме до крај и покрај тоа што сме се уште млади и недоволно искусни, сепак ќе се потрудиме да одиграме што е можно подобро, па резултатот сам по себе ќе си дојде“.

Голманката е свесна дека за работи за противник кој е во ракометниот врв, па затоа со нејзините соиграчи ќе бидат претпазливи на двата дуели, без разлика со кој состав ќе настапи селекцијата на Торир Хергеирсон.

„Правевме анализи за овој натпревар, доволно се подготвувавме, гледавме видеа и правевме статистика на играчите. Норвежанките не доаѓаат во најсилен состав, односно првите пет играчи кои им се клучни во репрезентацијата нема да бидат тука, но не смееме никого да потцениме или пак да кажеме дека не се доволно спремни или искусни. Ние ќе излеземе да одиграме на максумум“.

Серафимова во својата кариера настапуваше за екипите на Металург, ПАОК, Славија Прага, Ринкобинг и Макаби. Во оваа сезона настапува за Егенбург од Австрија, клуб во кој покажува одлични партии меѓу стативите. Од досега прикажаното на терен, таа е задоволна од своите настапи и планира својот престој во Австрија да го продолжи и во наредната сезона.

„До сега веќе доволно променував во мојата кариера, веќе петта сезона настапувам надвор од Македонија, играв во многу држави, планирам да се позиционирам во Австрија бидејќи таму навистина се пронајдов во нивниот шампионат, можам да кажам дека ќе сменам клуб, но би сакала да останам во Австрија“.

Натпреварот меѓу Македонија и Норвешка ќе се одигра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 19:30 часот. Влезот за сите љубители е слободен.