Сениорките од прв шешир тргнуваат во квалификациите за Мундијалот во Шпанија

Светското првенство во Шпанија во 2021 година, ќе биде првото во женска конкуренција на кое ќе играат 32 селекции. Таму ќе играат дури 16 европски селекции, а веќе пласирани се светскиот првак Холандија и домаќинот Шпанија, а има слободни уште 14 места за Европа.

Македонската репрезентација квалификациите ќе ги започне од првата фаза, која ќе се игра турнирски на едно место. Термините се 27 до 29 ноември или од 4 до 6 декември. Ќе се формираат пет групи (две со по четири, три со по три селекции), а прво и второпласираните обезбедуваат место во баражот.

Нашите сениорки се најдоа во првиот шешир, заедно со Австрија, Белорусија, Словачка и Турција, што значи дека овие репрезентации нема да ни бидат ривали. Би било убаво да се паднеме во група со три селекции, па за место во баражот ќе треба да бидеме подобри само од онаа репрезентација што доаѓа од третиот шешир.

шешир 1: Македонија, Австрија, Словачка, Турција, Белорусија
шешир 2: Украина, Италија, Швајцарија, Исланд, Португалија
шешир 3: Литванија, Фарски Острови, Косово, Израел, Финска
шешир 4: Грција, Луксембург

Од Европското првенство во Данска и Норвешка на СП ќе се пласираат четирите полуфиналисти, па ќе останат уште десет слободни мести и во баражот ќе се формираат десет двојки. Бараж натпреварите ќе се играат по принципот дома-гости меѓу 16 и 21 април 2021. Светското првенство во Шпанија ќе се игра од 1-19 декември 2021 година.

Ждрепката за квалификациите за Мундијалот ќе се одржи во Виена на 8 јули со почеток во 16:00 часот.