СЕДМЕРЕЦ: Ѓорче пак носи револуција!

Зошто одлуката на Ѓорче Петров ЖРК да се етаблира како професионален клуб и да се регистрира како АД што е занемарена законска обврска во македонскиот спорт, наиде „на нож“?

1. Трансформација на шампионот

Актуелниот женски ракометен шампион на Македонија, Ѓорче Петров ЖРК се трансформира во Акционерско друштво и од аматерско треба да премине на професионално ниво, како прв и единствен од сите 15 клуба што се натпреваруваат во единствената Женска ракометна лига-Скопско. Обврска што според законот за спорт Член 6-а ја имаат „сите спортски клубови кои се натпреваруваат во највисок степен на натпревари во сениорска конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка…“

Некако по традиција „Ѓорче Петров“ носи позитивни промени во македонскиот женски ракомет. Оттаму тргна „револуцијата“ во 90-те, кога легендарниот отпор на ѓорчепетровки на Хипо го донесе Трифун Костовски и Кометал за спонзор, а потоа 2002 година и првата титула во Лигата на шампионите за Македонија во екипните спортови.

Дваесет години подоцна, од „Ѓорче Петров“ тргнува нова „револуција“ во македонскиот женски ракомет. ЖРК Ѓорче Петров на 20-годишнината од европската титула на Кометал ЃП го доби спортскиот континуитет и стана наследник на поранешниот европски шампион. Неколку дена потоа, ѓорчепетровки станаа шампионки на Македонија и во наследството додадоа уште една титула. На стартот од сезоната направија уште еден чекор напред – подвиг на двојно гостување во Исланд и пласман во втора рунда од Европскиот куп. Да, во децениското тапкање во место и тоа ни стана подвиг…

Потоа, актуелниот македонски шампион реши да направи уште еден чекор напред и да го размрда умртвениот македонски женски ракомет со трансформацијата во акционерско друштво што е пак прв предуслов за статус на професионален спортски клуб.

Во нормални услови тоа би била редовна процедура што се подразбира и која не се ни регистрира како „вест“, но во македонски услови тоа е веќе настан. Со „браво„ од малкумина и „што ви треба сега тоа“ од многумина. Посебно оние за кои овој потег на шампионот е „матење на водата“, „издвојување од масата“ и „нарушување на комфорната зона“ на аматеризмот спакуван како полу-професионализам во единствената лига конструирана како таква за да може „елегантно“ да се избегне законската обврска. Декларативно, за да им се помогне на клубовите кои немаат „услови и можности“  да функционираат како АД, а сепак да се натпреваруваат во највисок ранг… Пардон, во единствена лига, сите на едно, ни погоре ни подолу.

Но, навидум добрата намера и „услугата“ за дел од клубовите, практично го „закова“ македонскиот женски ракомет на дното од кое со години нема помрднување.

2.„Ослободени“ и „заробени“ во единствената лига

Категоријата „единствена лига“ има одредени правни „замки“ или во најмала рака недоречености, намерни или случајно непредвидени.

Од една страна „единствената лига“, „елегантно“ ги ослободува клубовите од обврска да се трансформираат во АД, со онаа дефиниција дека  „единствена“ не значи „највисока“. Трансформацијата во акционерски друштва е задолжителна законска обврска за сите клубови што се натпреваруваат во нависок ранг на натпреварување.  А, кога лигата е „единствена“ нема ни „повисоко“ ни „пониско“, па во овој случај таа се толкува како да не е „највисок ранг на натпреварување“ со задолжителната обврска за трансформација на клубовите во АД.

Но, индикативно е што поимањето на женската лига е различно од случај до случај. И, тука дел профитира, а дел губи.

Од друга страна, пак, РФМ со воведувањето на „единствената лига“ во женска конкуренција и со толкувањето дека „единствена лига“ не е и „највисок ранг на натпреварување“, сите клубови и сите натпреварувачи и тренери во нив, ги „заробува“ на аматерско ниво.

Бидејќи според Член 9-а од Законот за спорт, „професионален спортски клуб може да биде клуб:

-кој учествува во највисок степен на натпревари во соодветната национална спортска федерација и

-кој има склучено договори за професионален настап, со најмалку 50% од вкупниот број на натпреварувачи кои настапуваат во највисокиот систем на натпревари во сениорска конкуренција во однос на бројот на пријавените за натпреварувачката година во листата која ја води соодветната спортска федерација“

Со дополна дека „професионален спортски клуб во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка во највисокиот степен на натпреварување е акционерско друштво“.

Во Законот овие обврски произлегуваат една од друга, но што значи тоа во практика со растегливото толкување на „единствената женска ракометна лига“?

По логика на нештата Ѓорче Петров ЖРК или било кој друг женски клуб во Македонија и кога ќе се пререгистрира во АД, а со тоа автоматски ќе мора да ја исполни и обврската за склучување на професионални договори со најмалку 50% од ракометарките, сепак, ќе нема статус на професионален клуб бидејќи не се натпреварува во „највисок степен на натпревари во соодветната национална спортска федерација“ туку настапува во „единствената лига“ која, нели, не ја сметаме како „највисок степен“?!

3.За ваучерот како ја рангираме лигата?

Ај што се „замати водата“ со акционерското друштво во Ѓорче Петров и со единствената лига „за доброто на македонскиот ракомет“, туку се отворија и еден куп дилеми.

Дали титулите во професионална и во аматерска лига се со иста тежина и дали аматерски клубови може да бидат легитимни и достојни претставници во европските купови за кои пред ЕХф гарантира националната федерација?

Или, друга домашна дилема – ако женската ракометна лига како единствена, не е највисок ранг, а не е ни најнизок ранг на натпреварување, тогаш како се рангира во доделувањето на спортските ваучери според оваа категорија?

И таму сите во едно?! Зошто?

Со 15 клубови колку што се натпреваруваат во сегашната „единствена“, сигурно може да се издвојат два ранга на натпреварување, со обврските, но и со привилегиите во „највисок ранг на натпреварување“.

Во лига во која принудно сите се на исто, во која нема ни борба за повисоко, ни испаѓање пониско, во која нема професионални клубови, ни професионални договори, а поголем дел од девојчињата играат за срамни 500-1000 денари месечно, нема напредок за македонскиот женски ракомет. Тоа треба да ни биде јасно колку и да се правиме дека не го гледаме за доброто на сите. За доброто на сите има масовен спорт. За резултати има професионален.

Кој има ќе игра и ќе напредува, кој нема нека си отвори академија, а не клуб за ваучер!

Се чудевме како во Франција клуб што изборил пласман во повисок ранг останал во пониска лига затоа што не го обезбедил задолжителниот буџет. Со нашата логика и филозифија ни останува само да се чудиме на другите, а ние собрани сите на едно да чекаме ваучерче, да бушиме дупки во законите, и да се правиме наудрени зошто женскиот ракомет цела деценија тапка во место и тоне.

Е, па ќе тоне кога на „на нож“  го чекаме секој што ќе не помести од комфорната зона и ќе ни ја расипе сликата на среќни, успешни и згора на тоа и благородни!