СЕДМЕРЕЦ: Хет трик за Данците, трилогија за Македонците

Им се израдувавме вчера на Ѓоле и на Славе во спектакуларното мундијалско финале во Стокхолм како Србите на титулата на Ѓоковиќ во Мелбурн. И, со право!

1.Данска од македонска перспектива

„Сега само вадат играчи, како печурки се! Имаат играчи за следните 5-6 години…Машинерија невидена“, се обидува пластично да ми објасни како функционира данскиот систем нашата македонска Данкиња, Љубица Георгиевска Хансен,  додека им се воодушевуваме на Данците по синоќешното спектакуларно мундијалско финале.

Поранешната македонска репрезентативка одамна е во Данска и како тренер добро го знае данскиот пат до успехот.  И некако стално ми е синоним за македонско-данската врска и за она често прашање: Па добро, зарем ние не можеме „да симнеме“ нешто од Данците?

Данците ја победија Франција и влегоа во историјата како единствена нација што успеала да освои три светски титули по ред на ракометните мундијали и да врзе импресивна серија од 28 мундијалски натпревари без пораз. Но, уште поимпресивно е што една од главните улоги во големото финале на овој Мундијал ја имаа токму двајца играчи од новата генерација. Десниот бек Матиас Гитсел има 23 години, но е веќе искусен со големи титули и сега најдобар стрелец и МВП на мундијалот. Левиот бек Симон Питлик е уште понова ѕвезда има само 19 години, нема два и кусур метри, а сепак, решета од најклучната позиција. Момчето кое еден период беше чест гостин во Скопје додека татко му беше на клупата на ЖРК Вардар, „растури“ во финалето оставајќи го Микел Хансен „да одмори“ и си го заслужи местото во ол-старс тимот како најдобар лев бек на шампионатот. Две момчиња „без многу мускули“, но со извонредна техника и чувство за игра и талент надограден во совршениот дански систем. Обезбедена иднина со гаранција.

Ги издвоив Гитсел и Питлик како предводници на новата генерација и новите ѕвезди на ракометната сцена од која полека, еден по еден веќе се симнуваат оние постарите кои блескаа во изминатите 10-15 години. Се разбира, не беа само Гитсел и Питлик тие што и донесоа титула на Данска. Тие беа само совршено вклопен нов дел во целата данска машинерија покрај вонсериска партија на неверојатниот Расмус Лауге кој поголем дел од мундијалот го изгледа со повреда од трибини, а потоа влезе во финалето и заврши работа, сигурноста што ја носи Никлас Ландин на голот или епизодата на Менсах Ларсен, сето тоа диригирано со лежерната генијалност на Николај Јакобсен.

„Сите овие акции, начин на движење кај играчите, меѓусебна соработка, тајминг, однесување внатре и надвор со новинари и многу други сегменти од системот што го викаме ние, започнуваат од најмалите групи во школите и потоа во екипите…Така се создаваат овде идните генерации. Ништо не е случајно, нити пак се работи ден за ден или кому како ќе му текне. Точно се знае кога и што се работи и затоа се функционира. Кога се работи за спорт, за репрезентациите посебно, во Данска сите се сплотени. Работат како мравки, се почитуваат, слушаат и собираат искуство од сите“ –  ми објаснува Бубе од Данска со сите дополнителни детали.

Нормално, веднаш посакува човек скандинавскиот систем еден ден да профункционира и овде јужно, па и кај нас сите да се сплотени и да растат играчи „како печурки“, а не да имаме по десет години национална траума додека пркне нова генерација. Додуша млади играчи и интерес уште има, не дека нема, само системот ни е повеќе балкански отколку дански. Таков ни е и одност кон репрезентацијата, па и соодносот на резултатите и очекувањата.

2.Балкански маки големи

Впрочем, овој мундијал, на некој начин, беше поразителен за старата балканска школа во целина. Ако се погледне пласманот, резултатите, но и играта на балканските селекции кои од првенство на првенство некако се се подалеку од „горниот дом“ во европскиот и светскиот ракомет, јасно е дека овие репрезентации се далеку од старата слава. Додека скандинавците одат се побрзо напред, Французите и кога не се во полна сила имаат цврста база, а Шпанците извонредна тактика која „ги брише“ годините, балканските селекции мака мачат со секоја смена на генерација, смени на тренери и во постојаните битки со „внатрешни и надворешни“ непријатели.

Хрватска е се подалеку од големата четворка, сега само девета на СП, со разнишан состав и (не)сменет пантомима селектор. Имаат големи играчи, но не и резултати.

Словенија е 10.та и можеби од сите екс-ју сега и најстабилна, по ланската турбуленција на ЕП и селекторската смена.

Србија е 11-та и вообичаено поделена „за“ и „против“ Герона, за едни „на добар пат“, за други „можеме повеќе“.

Црна Гора спротивно од Словенија, лани блеснаа на ЕП, годинава „паднаа“ под притисокот. Ланскиот историски успех на ЕП ги подигна очекувањата, па 18.место на СП донесе разочарување и повлекување на селекторот Зоран Рогановиќ.

Македонија на последните три големи натпреварувања е во „смена на генерација“ и во надолен тренд. Единствена од сите  балкански репрезентации на ова СП не помина во втор круг, беше единствена европска селекција во утешниот „Президент куп“ и заврши на 27.место што е најлош пласман во сите досегашни осум настапи на мундијалите. Загрижува пласманот, но, уште повеќе отворените прашања, дезориентираноста, играта и нервозата во националниот тим, распнат меѓу очекувањата и можностите, немоќен да се носи со посилните противници, но, ни со критиките од јавноста.

И додека Данците вадат играчи како печурки, ние и понатаму садиме тикви и бараме трпение, клубовите чекаат ваучери и со вклучен калкулатор  се пазарат кого ќе дадат, а кого ќе земат за плеј-офот и фрчат соопштенија „не ни ги чепкајте децата…“

И после Данците ни изгледаат како вонземјани, а во завршните натпревари на мундијалот на кој и ние бевме учесници, како да гледаме некој друг спорт.

3.Македонци за финале имаме

За среќа имаме ние и Македонци за финале, да ни ја растераат малку оваа јануарска ракометна мака. Начевски и Николов со свирка во големото финале и Начевски сениор од делегатската маса во мечот за бронза, достојно ја претставуваа Македонија и успешно си ја завршија работата.

Им се израдувавме вчера на Ѓоле и на Славе во спектакуларното мундијалско финале во Стокхолм како Србите на титулата на Ѓоковиќ во Мелбурн.

И, со право!

Кога веќе ни „потонаа бродовите“ со репрезентацијата уште во првиот круг во Краков, за македонските ракометни фанатици како мелем на рана дојде признанието за најдобрата македонска судиска двојка да го суди големото финале.

И додека Данска го запишуваше историскиот хет-трик, македонските судии вчера ја заокружија големата трилогија –  три големи финалиња на најголемите ракометни натпреварувања, ЕП 2020, на ОИ 2021 и на СП 2023.

Не го најавија, но го заслужија и го оставрија големото финале. Нека е и судиско, за Македонија сепак, е големо признание.