СЕДМЕРЕЦ: Победи за мерак и ќеиф

Две супериорни победи на „новата“ Македонија на стартот од новиот квалификациски циклус за успешно премостување на критичниот период и фамата „што ќе правиме кога во составот веќе ќе ги нема Кире, Жути, Столе...“  

1.Со Лазаров после Лазаров

Ем нова, ем скоцкана и на терен моќна. Машката ракометна репрезентација на Македонија успешно зачекори во новата „со Лазаров после Лазаров“ ера.

Двата натпревари со две супериорни победи на стартот од новиот квалификациски циклус, широко ја отвораат вратата за настап на Македонија на уште едно големо натпреварување во континуитет и за успешно премостување на оној малку критичен период и фамата „што ќе правиме кога во составот веќе ќе ги нема Кире, Жути, Столе…“

Сега кога и дефинитивно е пресечена „папочната врвка“ со она што долги години наназад за македонската репрезентација значеше сигурно и безбедно, се виде дека новите може и сами да дишат. И сега дефинитивно, и она „па не игра Кире, Столе…“ како „појаснување“ за некој од поразите, може да остане реченица во минато време која можеби можеше да послужи минатиот јануари во Дебрецин, но веќе не и во наредниот јануари во Краков.

А, не дека не стрепевме по малку што, како ќе биде со „новата“ Македонија и во ова прво излегување на сцена во „новата ера“.  Сега дефинитивно и конечно без најискусните и плус за прв пат по кој знае кога, со само тројца интернационалци и се другото домашни полетарци.

Си викаш, ајде голема ни е лигата има место за секого барем да се изнаигра. Ама сепак, те јаде малку стравот пред новиот старт. Па, не е баш сеедно дали играш во Бундес или си дебитант во Супер, ниту пак е исто дали се калиш против најсилните европски екипи или во езерско дерби Охрид-Струга, на „скопската класика“ Пролет-Бутел или пак во она „братското“ во Битола. Ниту пак е иста тежината и искуството ако си во француската милионска лига или во оваа нашава ваучерска…

2.Лидери и (из)брусени дијаманти

Како противтежа на скепсата и на стравот, пролетува мислата дека македонската репрезентација, ерата „после Лазаров“ на терен, ја почнува „со Лазаров“ на клупа. А, познавајќи го како спортист, тој „сол ќе јаде“ ама на крај ќе успее и нема да го потроши сиот својот авторитет и кредибилитет во некој неуспешен  експеримет или исфорсиран проект. Довербата го победува сомнежот. Добро е 1-0…

Во следната фаза пред да почне химната во „Борис“, стравот се меша со предизвикот и со старата верба во новите лидери што почна уште во времето кога двајцата Филипи уште беа „небрусените дијаманти“ во Автокоманда. Убаво личат онака стамени, како ја заземаат новата позиција и ја преземаат одговорноста, се договараат и се надополуваат како во времето кога беа неразделни цимери во Металург.

„Јас и Талески сме тука како вистински лидери…ние треба да бидеме пример за помладите“ –  ќе рече Филип Кузмановски по стартната победа на Македонија во новиот квалификациски циклус.

Убаво е и да се чуе ваква поставена цел и да се види нејзина практична примена на терен. Впрочем, македонската репрезентација секогаш била најсилна кога имала силни лидери во тимот.

За среќа, добро ни се погоди и групата и распоредот. Луксембург не е репрезентација од оние најсилните што ќе те „убија во поим“ уште од старт. Туку, тамам противник за успешен старт пред домашната публика и добра можност секој да добие шанса во новата селекција, без притоа  да биде жртвуван резултатот.

Дуелот со Турција беше едно ниво погоре и предизвик повеќе. И за селекторот и за тимот. Иако не е репрезентација од големите натпреварувања, сме знаеле ние во минатото и од Турција да испаднеме како во оние шок квалификации во Адана во 2010 или да бидеме доведени во ситуација  „за малку изненадени“ како во оној меч во Битола од квалификациите за ЕП 2020…

Токму затоа, за Македонија беше и тоа како значајна победата против Турција во Ван. Уште позначаен беше сигурниот и пред се дисциплиниранпристап и настап. И, ептен за мерак и за ќеиф на гости во Турција, дојдоа оние супериорни 9-0 на старт и прва четвртина без примен гол. Тоа не се постигнува само туку така лесно и не се случува често, особено не на официјални натпревари кои може да бидат и клучни во конечната разврска за пласман на ЕП. И тоа треба да се цени.

Добро е, веќе е 2-0 за новите.

Многу полесно се дише сега со две победи. За мирна наредна пролет и за малку потопол јануари во најава, за разлика од оној ланскиот на -3 во Дебрецин. Без „глава и опашка“ што би рекол лидерот во некои минати времиња.

Иако Луксембург и Турција не се од ист ранг како Норвешка или Холандија, сепак, девете сигурни победи даваат позитивна насока, малку појасна слика кој до каде е и колку може и генерално, една позитивна атмосфера што е и тоа како важна за „новата“ Македонија пред јануарскиот мундијал.

3.Чаирчанки како ѓорчепетровки

Во седмицата во која главна на сцената беше машката ракометна репрезентација, вреди да се одбележи и еден женски клупски подвиг. Можеби мал и не толку значаен во европски рамки, но голем за македонскиот женски ракомет.

По ЖРК Ѓорче Петров и ракометарките на ЖРК Чаир се враќаат со полн плен од „двојно гостување“ и пласман во следното коло во Европскиот куп. Чаирчанки со минимален пораз во првиот и со сигурна победа во вториот меч, на гостински терен го елиминираа косовскиот шампион Истогу и за прв пат во клупската историја обезбедија пласман во следна рунда на европска сцена.

За прв пат сезонава, Македонија ќе има и два претставници во третото коло од Европскиот куп во женска конкуренција. Со оглед на тоа во каква „финансиска кондиција“ се клубовите и каков е квалитетот во единствената полуаматерска женска лига, во која има натпревари и со +30 разлика, триумфот на ЖРК Ѓорче Петров на Исланд и на ЖРК Чаир на Косово, за наши услови е своевиден подвиг.

Како куриозитет, оваа сезона ќе остане забележана и како една од ретките во поново време во која Македонија има повеќе претставници во европските купови во женска отколку во машка конкуренција. Кај ракометарките останаа две од четирите екипи во Европскиот куп, во машка конкуренција одстанува само Еурофарм Пелистер во групната фаза од Европската лига.

А, имаме и европско женско дома пред машкото светско во Полска. И машката репрезентација на промоција на женското ЕП на кое ја нема женската…

Малку се измешавме, ама битно се тркала топката. Онака, без притисок – се за доброто на македонскиот ракомет!