СЕДМЕРЕЦ: Не се знае до кога ќе трае, но…

Колку е подолга паузата, толку е поголем ризикот и помало расположението за играње ракомет во летна шема.

1.Каква ќе биде сезоната ако продолжи?

„Се плашам дека продолжението на сезоната ќе изгледа глупаво“ – оцени искусниот Русин во дресот на Вардар, Сергеј Горбок, сметајќи на нивото и на барањата во професионалниот спорт.

Кризата со вирусот Ковид-19 не се знае до кога ќе трае. Засега, не се знае што ќе биде ни со голем дел од принудно прекинатите, одложени спортски натпреварувања. Тие што можеа предвреме ставија крај. Тие што не можеа и понатаму чекаат развој на ситуацијата и бараат најдобро решение во вонредната состојба. Но, се поизвесно е дека колку е подолга паузата и седењето дома, толку е поголем ризикот и помало расположението за играње ракомет во некоја згусната, убрзана летна шема. Челниците на ЕХФ, сепак, не се откажуваат од заложбата дека европските купови мора да се доиграат, но ракометарите и тренерите сè помалку се убедени дека по паузата ќе може да се одигра така како што треба и дека продолжувањето на сезоната може да биде ризично и глупаво, што би рекол Горбок.

„Како ќе успееме да бидеме на ниво, ако после два месеци лежење дома, треба веднаш да играме?“ – практично прашање од Горбок.

Но, тоа не го поколебува првиот човек на ЕХФ цврсто да остане на својот став дека ракомет ќе се игра, иако панедмијата го наруши целиот систем. Ако не може во јуни, тогаш во јули, убеден е Видерер.

Ако веќе мора, тогаш нека биде најпрактично! Така некако отприлика изгледа предлогот што деновиве го презентираше Талант Душебаев кој предложи Ф4 годинава да биде Ф8.

Малку е веројатно, но сè уште не е исклучена ни можноста на крај сепак, без доигрување да се стави крај на сезоната и по скратена постапка во ЛШ да биде прв тој клуб што останал „замрзнат“ со најдобар скор сезонава во групната фаза. Во случајов, тоа би била Барселона која е убедливо пред другите со 13 победи, само еден пораз и дури 105 гола во позитива.

  1. Соломонско решение од „Пролет“

Отворено на неопределено останува и во завршницата на македонскиот шампионат. И овде е извесно дека „вонредните“ тренинзи по дома за одржување на формата, не се исто што и тие „нормалните“ во сала и во ракометните кругови се повеќе преовладува мислењето дека подобро ќе биде да се стави крај отколку да се ризикува играње по секоја цена под закана за потенцијални повреди и повеќе пренесени проблеми во наредната сезона.

Прашањето што беше начнато минатата седмица, некому му се допадна, некому не, но дефинитивно покрена една поширока дискусија за тоа како може да се реши прилично замрсената ситуација во домашната Супер лига која според актуелниот систем, се комплетира дури во плеј-офот, а годинава тој не ни почна. Со различни предлози во различни гласила се огласија и дел од клубовите што најмногу се засегнати од целата ситуација.

Најконкретен и можеби најкоректен во актуелната ситуација е предлогот што го нуди „Пролет“  – шампион да биде Металург, а Вардар да игра во Лигата на шампионите. Соломонско решение со логично образложение.

„ Металург треба да биде шампион бидејќи е најдобар во домашното превенство. Секоја друга одлука би била погрешна. Што се однесува до ЛШ, таму сигурно ќе има место за Вардар, една вајлд-карта од ЕХФ, сигурно ќе биде резервирана за тимот со две шампионски титули во претходните три сезони…“ – образложи првиот човек на РК Пролет, Сашо Огњановски, предлагајќи сезоната да биде прекината бидејќи услови за играње ракомет ќе нема ни во блиска иднина.

3.Вардар меѓу редови, Металург „џентлменски“

Од Вардар, освен пораката дека ќе се почитува секоја одлука, за што реално и нема друга опција, вообичаено, нема официјален став околу разврската во домашниот шампионат. Но, меѓуредови сепак може нешто да се прочита…

Посочувајќи дека по месец и пол пауза да се одиграат многу натпревари во мал рок носи голем ризик од повреди, тренерот на Вардар, Стевче Алушовски, меѓудругото, споменува и дека има многу примери во кои првенствата во некои земји се поништуваат и оваа година нема прваци и Куп победници, туку важат ланските… Индиректно, но, сепак на некој начин понудено решение.

Од Металург пак, според изјавите, подготвени се да бидат шампиони на Македонија, но и „џентлменски“ да му го препуштат местото во ЛШ на Вардар, а тие според буџетот и „чергата“ да си играат во новата Европска лига. Ако се прекине првенството, второто, третото и четвртото место пак, според предлогот на претседателката на Металург, Зорица Блажевска, треба да се поделат според просекот од резултатите што ги имаат постигнато македонските клубови во европските купови во последниоте пет години. Така би било најкоректно, велат во Автокоманда.

Но, дали европски коректниот предлог од Автокоманда ќе биде општоприфатлив и во Битола останува да видиме. Таму засега, сè уште се најрасположени летово нешто да се доигра и на терен да се реши кој е за погоре, кој за подолу…

Но, прво и основно засега е да се победи вирусот и да се помогне во таа борба. Потег за пример е хуманата иницијатива што ја покрената најискусниот во дресот на Еурофарм Пелистер, Горан Кузманоски, поттикнувајќи ги македонските спортисти да се обединат и да помогнат.

Здравјето и хуманоста пред сè! За другото после…

Ако се решиме од вирусот, сигурно ќе ја „решиме“ и Супер лигата, колку и да е заплеткана.