СЕДМЕРЕЦ: За Македонија со љубов!

Женската сениорска репрезентација на Македонија со три од три до бараж за СП 2021

1.Месец на победи во „Борис Трајковски“

„Браво бе, девојче!“, потскокнавме сите кога Јована Мицевска со последната одбрана ја спаси победата на Македонија против Грција во квалификациите за СП 2021. Бодовите за Македонија и не беа толку важни во последниот од трите натпревари, но победата сепак, беше мала ама слатка.

Славејќи ја одбраната и победата, симпатично легна дури и оној спонтан извик на младата голманка по одбраната. Оддишка за овој меч и за се друго по ред.

Три победи на три натпревари во три дена. Овој пат се работи за женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија, да нема забуна. Најдобрите македонски ракометарки ставија белег на изминатиот викенд и со максимални шест бода обезбедија пласман во баражот за СП 2021 во Шпанија.

Само шест дена по „машката“ победа на Македонија против светскиот првак Данска, во „Борис Трајковски“ се славеше нов голем успех на македонскиот ракомет, овој пат со женски предзнак. Македонските ракометарки беа поуспешни во дуелот со Исланд и победнички ги отворија квалификациите за СП 2021.

Со нова енергија и многу поголема самодоверба, ден потоа со +10 ја решија Литванија и го осигураа местото во баражот за СП. На крај, кога веќе се беше решено, заокружија со победа во пресметката со Грција. Да биде учинокот максимален, впечатокот комплетен и меракот поголем.

И да продолжи позитивниот тренд бидејќи март 2021 дефинитивно ќе остане забележан како месец на победи на македонскиот ракомет во „Борис Трајковски“.

Замислете само како ќе изгледаше сето ова во изминативе две седмици во некои нормални услови, со публика наместо со ковид- празни трибини…

2.Баражот е нов предизвик

Време и трпение. Ова беа двете работи што најмногу ги бараше селекторот Симе Симовски во изминативе години додека македонската женска репрезентација се бореше да се подигне од дното.

Македонските ракометарки немаат настап на големите натпреварувања уште од 2012 година. Четири години потоа немаа ниедна победа. Во 2016 конечно беше направен мал чекор напред, победа против Фарски Острови, а потоа и против Исланд во квалификациите за СП 2017. Ги славевме тогаш како да се финале на Олимпијада! А, како и нема после четиригодишен пост.

Во тој прв бараж потоа, Шведска беше пресилна, но надежта не згасна.

Двете победи против Фарските Острови во следниот циклус беа премалку за да се поминат квалификациите за ЕП 2018. Шведска и Србија беа многу посилни од нас. Времето одминуваше, трпението понекогаш се тенчеше, но надежта не згаснуваше!

Потоа Македонија  врза три победи во следните квалификации за СП 2019, и тие како и овие сега во „Борис Трајковски“. И тогаш, беше најтешката со Исланд плус Турција и Азербејџан. И тогаш завршивме со една најважна и една двоцифрена во вкупните три победи. А, потоа дојде Словенија во баражот и не сопре во чекорот кон СП.

Во ланските прекинати квалификации за ЕП 2020 почнавме и завршивме со порази од Шведска и од Чешка…

Во новиот циклус, женската репрезентација на Македонија сега повторно стигна до истата точка од пред две години. Со максимални три квалификациски победи го чекаме баражот за СП 2021 во Шпанија, како увертира за „нашето“ ЕП 2022.

За разлика од претходниот циклус, женската репрезентацијата сега е значително подмладена, со нова енергија, многу поголемо интернационално искуство и многу поголема самодоверба. Капитенот Елена Ѓоргиевска носи искуство, Сара Ристовска брзина и голови, а новата генерација носи храброст и желба за докажување. Губеа со 2-7, имаа само два гола во првата четвртина со Исланд, но успеаја да се вратат и да победат. Со Литванија доминираа и цел меч држеа позитива и контрола и ја постигнаа целта. Со Грција кога веќе се беше решено, малку се опуштија, 50 минути губеа, но финишот го добија. Во овие три натпревари во три дена имаше од се по нешто, но на крајот од сите Македонија беше победникот. И тоа во моментов е најбитното. Уште ако ни се погоди премостлив баражот и достижен настапот на СП 2021, тоа би бил уште еден огромен чекор напред. База и енергија има. Има и потенцијал тоа го видовме викендов на дело.

Но, да бидеме реални, има и уште многу што да се гради и поправа во играта на македонската репрезентација за да биде таква каква што посакуваме да истрча на ЕП 2022 на кое сме еден од трите домаќини. Важно, македонската репрезентација е на добар пат кон целта. Да се искористи времето и да се исплати трпението.

3.Директор на клупа, тренер на трибини!?

Во квалификациите за СП 2021 во стручниот штаб на македонската женска репрезентација беше вклучена и Билјана Црвенковска како десна рака на селекторот Симовски, што се покажа како добар и корисен потег. Заедно со тренерот на голманите Тања Андрејева, тоа е фактички и продолжување на оној позитивен тренд на вклучување на поранешните репрезентативки и во тренерската работа во националниот тим. Само што на овие три натпревари за Андрејева немаше место на клупата, па таа на тајм-аутите се довикуваше со голманките од трибините.

Додека на нејзино место долу на клупата  со „Ц“ седеше директорот на репрезентацијата, Левче Китевски.

Е, оваа работа никогаш не ми била јасна! Зошто е тој мерак и што прават всушност, директорите на репрезентација седнати долу на клупата? Уште помалку кога зафаќаат место на тренери од стручниот штаб кои за играчите сигурно се многу попотребни и покорисни од директорите во текот на натпреварот?

Ако е за совети и за мотивација, за тоа има селектор и тренери.

За повреди и масажи, не може многу да помогне, за тоа има физиотерапевти.

Ако е за муабет со делегатката и притисок на записничка…па тоа вајлда, го надраснавме уште со Иван Бојков во 90-те!

Впрочем, Кире Лазаров уште на своето селекторско деби во машката репрезентација на Македонија покажа дека директорот си има свои задолженија, но не е неопходен и долу на клупата. Таму покорисни се тренерите. Правилно!