ИНТЕРВЈУ ТРИФУН КОСТОВСКИ: Кометал Ѓ.П. е како прва љубов, а таа не се заборава никогаш!

Во македонскиот ракометен календар, 19 мај 2002 е историски датум, оној кој ни ја донесе првата голема европска радост, освојувањето на шампионската титула на Кометал Ѓорче Петров во Лигата на шампионите. На 19. мај ја славиме 19-годишнината од искачувањето на „кометалки“ на кровот на Европа. Спомените за успехот кои со златни букви се испишани во женската ракометна историја одлучивме да ги евоцираме со главниот финансиер и првиот човек на клубот, Трифун Костовски.

Костовски никогаш не бил активен спортист, но спортот и музиката се главните задоволства во неговиот живот, оние кои му даваат една поинаква димензија. Ракометот за него е страст, го возбудува и поттикнува натпреварувачкиот дух кој го има во него и му дава еден посебен степен на уживање. И токму таа љубов, тој предизвик пред повеќе од две децении ќе го донесат и на аеродромот во Виена каде ќе ги пречека ракометарките на Ѓорче Петров по сензационалната победа над Хипо во Скопје, а една недела подоцна ќе стане и главен спонзор на клубот кој ќе биде страв и трепет во ракометна Европа.

Во пресрет на 19-годишнината од шампионската титула Костовски со задоволство прифати да се присети на едни убави времиња, да си го отвори срцето и да зборува за Ѓорче Петров со посебна гордост, љубов и емоции…

Тој датум е длабоко врежан во мојата меморија и го доживувам како еден од најубавите датуми во моето битисување, во Македонија, настан на кој радоста немаше граници. Тој датум го доживувам како мојата прва љубов, а верувам дека така го доживуваат и сите граѓани на Македонија – тоа дека беше прва освоена титула од нејзиното осамостојување. Мислам дека како никогаш дотогаш, а и потоа не беше толку сплотен народот. Титулата на Ѓорче Петров е длабоко запечатена во мојата меморија, во меморијата на моето семејство, а верувам и во меморијата на моите сограѓани. Потоа и РК Вардар освои две европски титули, ЖРК Вардар двапати играше во финале на ЛШ, но чувствувам дека немаше толку голема еуфорија каква што постоеше во случајот со Ѓорче Петров. Тоа е најверојатно затоа што се што е прво е највпечатливо и најдлабоко врежано во  сеќавањата на луѓето. Затоа велам прва љубов! Очекувам и понатаму да имаме успеси во спортот, но останува запаметено она првото“ – дециден е Трифун Костовски на почетокот на разговорот.

Првиот човек на Кометал Ѓ.П. вели дека ноќта на освојувањето на титулата бил преплавен со емоции кои не можел да ги контролира и дека не памети некој посебен детал или кажан збор.

„Сите бевме во екстаза! Резултатот од првиот меч даваше надеж дека ќе бидеме победници и еуфоријата владееше уште по завршувањето на првиот меч во Будимпешта. 19 мај – денот Д, колку прекрасен амбиент, сите бевме толку занесени што не паметам ни што сум рекол, ниту некој посебен момент, гест… Тоа се чувства и емоции кои не можат да се контролираат! Титулата ја прославивме во култното наше собиралиште, Феротурист, незапаметени беа сите тие доживувања кои ме поврзуваат со начинот како го градевме Ѓорче, како стигнавме до првото финале, потоа и до второто и третото… Девојките ја оправдаа мојата доверба! Докажаа дека се тигрици на паркетот, а дами во обичен свет – тоа беше мојата парола. Знаете она што е специфично е дека жената треба да се почувствува како жена, нејзината емотивна конституција е многу важен и силен дел и за да го постигнете она што го сакате како резултат мора да и давате комплетна поддршка и да имате разбирање, а ние тоа им го дававме на нашите ракометарки. Апсолутно – ги сакавме, ги почитувавме и ценевме, па и денеска живееме со нив, а фит-бекот е тој успех и тие убави работи кои не поврзуваат.“

„На сиот тој пат клубот имаше прекрасен раководен тим, имавме прекрасни навивачи, никој немаше подобри поддржувачи од нас и сметам дека тие наши дружби на раководството, девојките, со навивачите и патувањата (Волвоград, Норвешка, Шведска…) каде изнајмувавме чартер авиони и одевме со сопствена музика, тоа беше душата на клубот. Не можам да заборавам, во таа шампионска сезона, кога игравме со Лублин и тоа беше првпат во нивната историја некој да ги победи на домашен терен, а ние ги победивме со 17 гола разлика. Навистина се чуствував многу гордо, можеби направив еден гест кој не е многу карактеристичен. Девојките ги сместија во обичен интернат со еден тоалет и туш за цел спрат и тие се пожалија, а јас веднаш реагирав. Прашав во хотелот каде што бевме сместени дали има место за екипата да дојде таму и ги донесов во нашиот хотел и тоа беше иницијална каписла да возвратат со таков резултат. Паметам за публиката во Лублин велеа дека е многу нападна, нетолерантна, но на крајот се случи и тие да ни аплаудираат. Тоа се моменти кои не се забораваат.“

ПАДНАВМЕ НА ПРВИОТ ИСПИТ, НО СЕ ВРАТИВМЕ ПОСИЛНИ

Првото европско финале заврши неславно за Кометал Ѓорче Петров, не само резултатски, туку и со суспензија од една година поради инцидентот со Ѓунар Прокоп. Екипата успеја да остане заедно и да се врати уште посилна – директно до тронот на Европа.

„Извлековме поука од она што се случи на првото финале, зошто паднавме на првиот испит. Испитот беше непредвидливоста и политичката поделеност која постоеше меѓу навивачите, иако сметав дека ракометот треба да ги обедини, но тие се обидуваа да се покажат кој ќе биде подобар, посилен и подокажан како навивач. Тоа ни пречеше и по една година апстиненција успеавме да се вратиме, ја научивме лекцијата. До титула не се доаѓа само на паркет, мора да се градат односи и со институциите и со ЕХФ, па воспоставивме добри контакти, се извинивме за тоа што се случи со Прокоп и дека сме свесни за казната. Почнавме полека да ги градиме односите со Европската федерација… Ако паметите по успехот на Ѓорче Петров полека почнаа структурите на ЕХФ да се отвораат и за нашите луѓе. Научивме како спортот кој е наш и кој го сакаме и славиме да го делиме и да го чествуваме со другите“, се потсетува Костовски и продолжува: „Секако кога дознавме за санкцијата од ЕХФ прва работа беше да се задржи костурот на екипата, тоа беа се големи играчи. Паметам, Индира (заедно со Колега која тогаш играше за нас) беа на летување на Јадран и јас тогаш и се јавив и и реков: ‘Индира слободно правете дете’ (се смее) и нивната Сара дојде поради таа казна! (се смее) Тогаш со цел да се задржи екипата организиравме и заедничко летување во Сани бич на кое беа сите ракометарки со нивните партнери и комплетниот клупски персонал.

“Таа година само Вале (Валентина Радуловиќ), таа темпераментна девојка замина. Сметаше дека со казната Ѓорче Петров ќе престане да постои. Не веруваше дека ќе ја задржиме екипата и за мене беше изненадување нејзиното заминување. Затоа што и таа беше со нас на одморот и во ниту еден момент не најави такво нешто. Кога си замина не изненади, но таа сметаше дека ова ќе биде распад на клубот. Ни беше чудно сето тоа, и таа потоа сфати дека згреши. Факт е дека Вале ни недостасуваше, но сепак успеавме. И Вале е свесна дека своите златни моменти ги имаше во Кометал. Таа е чесна, работлива девојка, силна, бестрашна… Ги направивме сите напори за да останеме заедно, не штедевме, затоа што бевме сигурни дека титулата ќе ја донесеме барем еднаш во Скопје! И така и се случи, во 2002 година како брз воз минавме низ сите степени квалификации, групи, елиминации и тоа беше еден пат кој за мене е неповторлив и несекојдневен.“

КОМЕТАЛКИ ПРОДОЛЖИЈА ТАМУ КАДЕ ШТО КЛУБОТ ЗАСТАНА

Скоро две децении подоцна ракометарките и раководството јубилеите од титулата ги прославуваат со голема забава (нешто што се подготвува за следната година, на 20-годишнина) додека во меѓувреме остануваат да работат во Македонија, за доброто на македонскиот ракомет.

„Оваа година поради пандемијата нема да може да се собереме, но следната, се надевам дека како победници ќе излеземе од пандемијата и ќе ја продолжиме традицијата јубилејните прослави да бидат една голема забава во која ќе се собереме сите за да ја прославиме историјата, успехот и фамилијата. Следната година, повторно во ‘Ден и Ноќ’… Знаете во што е среќата? Што 80-90 посто од тој шампионски тим на Кометал и денеска е во Скопје и оние ракометарки кои не се по националност Македонки, останаа тука и Македонија е нивниот дом. Нема да сретнете никаде во светот клуб кој бил шампион и кој успеал во сопствениот град да зачува толкав број на играчи по таа титула. И останува да владее професионализмот и квалитетот без разлика дали сме го создале или донесе со ангажирање на странски играчи, тие девојки денеска работат за доброто на македонскиот ракомет. Тие продолжија каде ние застанавме! Тие се во зрели години каде апсолутно може да дадат придонес за развојот на македонскиот ракомет, имаат искуство, имаат знаење. Се се тоа професионалки кои ги минале сите фази и тие имаат благородна мисија сето акумулирано знаење од спортот сега го пренесуваат на младите генерации и во тоа ги поддржувам комплетно.“

За целиот период како прв човек на Ѓорче Петров, клубот и семејството биле целина за Вас, кои беа мотивот и амбицијата за така несебично да вложувате?

„По природа сум човекољубец. Можам да се налутам и да се развикам, но не и да мразам без причина. Во моето семејство имам два сина и една ќерка, ќерката ми е слабост! А кога станува збор за девојки, кои имаат свои родители и ни беа доверени на нас тука, ние да им бидеме татковци и мајки, би било неблагодарно да не им ги отвориме домовите и срцата, за и тие да се чувствуваат како дома. Дину, која бранеше во финалето, мина четири месеци во Кометал и за неа тоа се најубавите четири месеци во нејзината интернационална кариера. Паметам кога Малахова и Бујанова дојдоа во клубот, трансферот го договоривме со Акопјан во Виена. Тогаш и Прокоп ги сакаше во екипата, но Акопјан, кого тие го гледаа како Господ, им рече: ‘Вие ќе одите во Македонија, тој ќе ви биде татко, јас нему му верувам’ и така и се случи. Ние настојувавме девојките да ги стимулиравме не само на паркетот, туку и да го засакаат ова парче земја и верувам дека многу успеавме во тоа. За мене натурализацијата е еден вид на модерна миграција, и јас апсолутно поддржувам мешање на култури и на народи кои ќе дадат и ќе донесат една поинаква димензија на човековиот развој.“

ДЕВОЈКИТЕ БЕА МОИ ДЕЦА, БЕЗ ВАЊА ЌЕ ГИ ПРЕРАЗГАЛЕВ

Иван Бојков кој беше дел од Кометал Ѓ.П. заедно со Вас во своето интервју се пошегува дека тој бил лошиот, а Вие добриот кога станувало збор за ракометарките и преговорите со нив.

„Јас не умеам да тргувам со женскиот пол, Вања беше тој кој преговараше за сите детали и кога имаше проблем доаѓаа кај мене и тоа беше еден спонтан начин во самиот клуб за да може функционално да работи. Ако ми го препуштеше Вања сето тоа мене, јас ќе ги преразгалев девојките, објективно, не умеам со нив да бидам строг. (се смее)“

Не можевте да ги исполните барањата на Андријана Будимир која замина по освојувањето на шампионската титула?

„Во Будимир гледајте две личности – самата Будимир и нејзината мајка која имаше огромно влијание врз неа. Ние кога ја зедовме од Крушевац таа беше играч од клупа и објективно не можеше да дојде на исто рамниште со Индира, Кисељова, Нацева… кои објективно повеќе и знаеја и умееја и беа поискусни. Будимир апсолутно немавме намера да ја пуштиме, но не сакавме да држиме никого на сила. Таа замина и што направи? Најубавите денови таа ги мина во Ѓорче Петров, најдобра ракометарка таа стана токму тука, дали била во право или не, таа сама нека си одлучи, но факт е дека нема нешто што не и било исполнето од наша страна, согласно нејзиното искуство, придонес… Дрскоста нејзина импонираше во ракометот, но сето тоа требаше да си оди по некој ред и не можевме да ги расипеме односите со останатите ракометарки за да задоволиме барања на една личност.“

Имате ли омилена ракометарка, или некоја која посебно ја цените?

„Не би можел да издвојам! Индира ми е кралица, Малахова (денеска Тодоровска) е најбрлавото десно крило, поупорен човек од неа немам видено, импресионираше нејзината цврста волја. (се смее) Нацева – капитен во вистинска смисла на зборот! Кисељова – чудо од жена, чудо од крило, делува нежна како пердув, но толку силна, цврста, со таков ментален склоп… борец на терен, а полна со емоции… Милева – човек на место, Платон!!! Секоја од нив има свои заслуги и не можам да ги делам, сите тие се мои деца! Немам збор да кажам колку ги сакам тие девојки!“

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ БЕШЕ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ЗА МЕНЕ

Трифун Костовски се одлучува да вложува во ракометот во периодот кога македонскиот спорт се обидува самостојно да се пробие во Европа, а познато е дека спонзорството во Ѓорче Петров се случува по една сензационалната победа над Хипо.

Тоа е игра на случајности, бидејќи во тој период мене во бизнисот ми одеше се од рака и за мене тие трошоци кои ги плаќав за Кометал беа многу мали и воопшто не ја погодуваа мојата финансиска моќ и можев тоа да си го дозволам. Победата на Ѓорче Петров над Хипо во Скопје, беше поттик да ми се јави покоен Илија Камчев и да ми рече ќе морам да ги пречекам ракометарките во Виена. Го сторив тоа и одлуката да го финансирам клубот ја донесов веднаш, на самиот аеродром во Виена, кога ги пречекав. Ми ја најавија екипата и Иван Бојков, но не успеав да се сетам дека тоа е мојот другар од училиште. Кога се видовме на аеродром, тој ми вели Пуни, јас му велам Вања (се смее) Им бев домаќин во Виена и навистина неправда беше судењето во реваншот со Хипо и тоа беше голем предизвик за мене. Вања го знам како стабилен човек, сталожен, кој знае да размислува, има предиспозиции да препознае спортски дух и желба и има одлични организациони можности… Му верував и ден денеска му верувам многу. По една недела дојдов во Скопје и веднаш се договоривме за соработка. Си поставивме за цел на еден мал клуб, кој беше број 1 во Македонија да му дадеме меѓународна димензија и успеавме во тоа. Имавме скаути кои одеа низ Русија, Европа и бараа млади играчи за да ги донесеме и да им овозможиме се и да им дадеме државјанство затоа што во тие години Ѓорче Петров беше основата и на женската репрезентација, кога објективно ги достигнавме најголемите резултати.“

Која според Вас е тајната на успехот на Кометал?

„Тајната – сплотеноста. Јас како главен финансиер, раководството и односот кој го негував со секоја ракометарка посебно, се поставував како нивни татко. Лариса Кисељова се омажи, но се плашеше дека сопругот би можел да и ги земе парите и ми рече: ‘Газда можеш ли ти да ми ги чуваш парите и кога ќе ти ги побарам ќе ми ги дадеш сите заедно?’ Знаете ли што значи тоа? Некој да има толкава доверба во мене! Довербата особено кај жените е исклучително важна и поддршката од луѓето кои ги водат, да знаат дека ги водат на вистински пат. Жените имаат потреба од заштита, а ние тоа го дававме на сите. Ретко ракометарка која била во Ѓорче Петров и заминала била незадоволна од третманот.“

ШЛАГЕЛСЕ Е БУДЕЊЕ ОД БАЈКАТА

Клупските патувања на Кометал Ѓ.П. биле легендарни, со инструменти и песни и во автобус, авион и во хотел, но на едно такво патување Костовски доживува вистинско „будење“. На суптилен начин тој ја гледа разликата на функционирањето на спортот во светот и во Македонија.

„Вистина е дека патувањата беа епски, па и прославите. Имавме сопствен бенд – Бени пееше во него и сите победи во Скопје ги прославувавме во ресторан Витез (кој денеска не постои). Во ист состав патувавме и низ Европа и незаборавни се патувањата во Тољати и Волвоград, каде редовно патуваа екипата, управата, бендот и навивачите и во нашите хотели (резервирани, кои сами си ги плаќавме) правевме такви забави во кои девојките не дружеа до еден момент, потоа се повлекуваа да одмораат, а ние продолжувавме до рано наутро, тоа се моменти кои се паметат. На првиот меч во Шлагелсе имавме убав пречек од Данците, кои не однесоа во еден импровизиран шатор, на ручек пред мечот, во кој имаше околу две илјади гости. Имаше еден огромен бим и на него беа напишани имињата на сите спонзори кои го спонзорираат клубот, ги имаше преку 150 и тогаш како да ми се случи будење – до кога ќе можам да издржам јас сам да го финансирам Кометал!? Во Данска функционира еден систем, на фирми кои помагаат, го почитуваат и поддржуваат спортот и тоа е една општествена одговорност. И колку што се чувствував горд од една страна што сам стојам позади клуб како Ѓорче Петров толку и се почувствував засрамено, затоа што ние немавме таков систем на општествена одговорност. Тоа го немаме ниту денеска, видете што се случува со ФК Вардар, кој имаше златни моменти, и се натпреваруваше во УЕФА купот, а сега испадна во Втора лига. И кога го напуштав Кометал, кога сфатив дека нема да можам да ги издржам трендовите на финансирање предложив на македонските големи стопанственици Ѓорче Петров да остане заеднички бренд, кој ќе остане да не претставува на меѓународната сцена. Но, се разочарав, затоа што не само што не добив поддршка, туку срамно беше на кој начин бев одбиван, а кога станавме шампиони, за сликање сите ја викаа екипата. Тогаш првпат ја почувствував немоќта како држава да се носиме за некои работи. Клупски веќе немаме тим кој може високо да се носи во Европа, репрезентативно Кирил Лазаров ја држи уште машката репрезентација, доаѓаат и некои нови генерации, додека кај жените немаме можност ни да се најдеме на некое големо натпреварување, а едно време сонувавме за Олимпијада, тоа говори најдобро за падот кој го имаме.“

БОЈКОВ ТРЕБА ДА Е СОВЕТНИК ВО ЖЕНСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Во времето на Кометал Ѓ.П. женскиот ракомет во Македонија беше во прв план но во меѓувреме се сменија улогите.

„Веројатно заминаа од сцената Иван Бојков и Трифун Костовски и женскиот ракомет отиде таму каде отиде… Еден Бојков сега да не е дел, макар како советник во женската репрезентацијата, е голема глупост. Тоа се е одраз на еден ментален склоп. Ние имавме злато в раце со Кометал и женскиот национален тим, да се појавеа неколку моќници од тоа време кои ги замолив да помогнат, а беа редовни на сите наши натпревари жените ќе беа и натаму пред мажите. Имавме и втора екипа Еуростандард и трета Еуролинк од кои црпевме млади ракометарки и имаше потенцијал и простор за младите да се докажат. Сега тие ракометарки градат некоја се надевам подобра иднина.“

ДВЕ ГОДИНИ СПОНЗОР И НА РК ПЕЛИСТЕР

Но, не е само Кометал Ѓ.П. Вие две години бевте спонзор и на машкиот ракометен клуб Пелистер, а спонзориравте и женски одбојкарски клуб, фудбалскиот клуб Работнички…

„Помагав и во екипните и во индивидуалните спортови, давав поддршка на секаков вид спорт. Кога бев претседател на РФМ две години бев спонзор и на Пелистер, но не правев никаков мобинг дека Пелистер треба да биде шампион. Во тој период со Вардар бевме главни ривали, а Михајло Михајловски беше потпретседател на Федерацијата. Кога сфатив дека веќе не можам да издржам финансиски се повлеков од се!“

ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ЕП 2008 ЈА ДОБИВ НА ЗБОР

По што го паметите периодот кога бевте прв човек на РФМ?

„Мандат ипол како претседател кога дамите беа во врвот, а мажите почнуваа да се пробиваат. Во тој период немавме никаква поддршка од државата, Федерацијата беше оставена на милост и немилост на претседателот и се обидував најдобро што можам да го анимираме ракометот во Македонија. Бевме организатори особено на младински женски првенства и станавме препознатливи по тоа. Во моето претседателствување на Конгрес во Кипар со мој дипломатски однос и со џентлменски договор добивме организација на ЕП 2008, каде Видерер ми веруваше на зборот и ни даде да бидеме домаќини. Тогаш бев и градоначалник на град Скопје, и се градеше „Борис Трајковски“, но тоа беше ‘буре без дно’. Истовремено се заинтересирав за градење монтажна сала од четири-пет илјади гледачи, која немаше да чини ниту четвртина од ‘Борис Трајковски’, но почнав финансиски да слабеам и кога видов дека тогашната Влада одвои некои мизерни сретства (400 илјади марки) за организација на првенството, јас реков дека не сакам да учествувам во овој срам. Се повлеков од претседателската позиција и ми е срам и денеска што не можам во лице да го погледнам Видерер, кој ми ја даде довербата. Жалам што ги измамив, верував во себе, но објективните услови беа сосем поинакви.“

СПОРТОТ НЕ МОЖЕ ДА ПОЧИВА НА ПОЕДИНЦИ И БЛЕСОЦИ

Костовски во 2008 година престанува со финансирање на клубот, а причината е што ја загубил финансиската моќ, а и немал поддршка за да продолжи понатаму.

„Шлаканицата во Шлагелсе ме разбуди, затоа што секој човек и најимотниот има лимити. Мора тоа да го превземе системот, не може постојано да се потпираме на поединци. РК Вардар го водеше Михајло Михајловски, го даде на Сергеј Самсоненко, па сега одново го зема, а се е тоа ‘крпење’, се користи слабоста која Михајло ја има кон клубот и не сака да го остави на милост и немилост, како што му се случи на ФК Вардар. Спортот не може да почива на поединци… Блесоците во спортот не доаѓаат од некоја интензивна државна политика, туку од некој кој се појавил и сакал тоа да го направи и го постигнал тоа. Јас си ги видов моите можности и шест месеци пред заминувањето најавив дека оваа година завршувам со финансирање на клубот. Секогаш сум мислел однапред до каде можам да стигнам, си ја пуштам ногата колку што ми е долга чергата. Нов пример сега е Еурофарм, Силјан Мицевски, кој го гради она што некогаш го градевме ние со Кометал, затоа што Битола не може сама да го плати тоа.“

Факт е дека луѓе како Трифун Костовски му недостасуваат на спортот, размислувате или планирате одново да се вратите и да инвестирате во некој клуб?

„Да ја имам онаа моќ финансиска која ја имав некогаш, да, веднаш би се вратил. За жал функционирав во еден развиен, европски свет и со сиот свој капитал дојдов во Македонија, од 500 милионски пазар, на два милионски и на мое големо невнимание загубив многу. Љубовта кон Македонија ме натера на тоа.“