СЕДМЕРЕЦ: Го допревме ли дното? Копај и молчи…

Навивачка досетка што болно ни ја отсликува реалноста во која пропаѓа македонскиот ракомет

1.Аман, нека заврши веќе!

И лузерскиот „Куп на претседателот“ остана недостижен за Македонија на 28.Светско првенство во Полска и во Шведска. Уште два натпревари останаа од најмачниот и најмрачниот настап на машката ракометна репрезентација на Македонија на сите осум досегашни мундијалски, па и на вкупно сите 15 големите натпреварувања. Ако го победи Мароко, Македонија ќе се бори за 27.место, ако не успее ќе игра за 29.место меѓу вкупните 32.учесници на Светското првенство. Аман, нека заврши веќе!

Го допревме ли дното? Копај и молчи…

Ја прочитав деновиве оваа „навивачка досетка“ која можеби и најдобро и болно вистинито ја отсликува реалноста во која пропаѓа македонскиот ракомет.

Тешко се соочуваме со вистината, уште потешко со одговорноста кој и зошто македонската гордост ја претвори во срам.

Очекуваме ли премногу, или вадиме премалку? Зошто репрезентацијата што ја обединуваше нацијата, сега разединува? Зошто публиката што беше „дар од Бога“ (пролистајте, изјавите стојат запишани некаде…), сега е непожелна? Зошто јавноста е „непријателска“ ако бара одговорност за поразите на репрезентацијата која, да потсетам, е национална, а не приватна своина?

Зошто критиката е неприфатлива, а дебаклот и поразите оправдани? Зошто се бега од фактите и се дислоцира вината, наместо да се лоцираат реалните проблеми и да се бара решение?

Дали е проблемот внатре во репрезентацијата, во клубовите или во федерацијата? Дали е проблем кризата, непрофесионалноста или лигата, која три сезони по ред се стеснува и се проширува без образложение. Се „штелува“ по потреба, квалитетот се занемарува, клубовите послушно си креваат рака, пресметувајќи можеби колку ќе им „рипне“ бодот за ваучерот…И сега слаба била лигата, клубовите не работеле, репрезенативците наместо да напредуваат, назадувале, а селекторот сепак, ги селектира, демек „тие се“!

И кој е виновен за тоа? Публиката сигурно не. Не се ни медиуми кои со месеци пишуваа дека лигата со 16 не ја бидува, не за да направат лоша атмосфера, туку токму поради ова што ни се случува сега и со клубовите и со репрезентацијата.

Дали националната репрезентација и националниот интерес е пред се и над се? Или се подзаборава малку на тоа, додека туркаме „проекти“, си играме „каубојци и индијанци“ или глумиме лојалност и срамна понизност погазувајќи си ја репрезентацијата, гордоста и професионалноста за „баци рака“. Никому не правиме услуга, најмалку на македонската раперезентација, тоа треба да ни биде јасно како ден!

2.Рогановиќ и Црногорците, Лазаров и Македонците

Зошто најуспешниот македонски ракометар на сите времиња, сега селекторски го запишува најголемиот неуспех на македонската репрезентација? Дали е тоа реалност, лош момент, склоп на околности, судбина или лимитиран квалитет, лоша проценка и селекција? Немојте само пак со смената на генерации и колку ни фалат Кире, Жути, Столе…како кај другите репрезентации играчите да не завршуваат со репрезентативните кариери!

Дали сепак, не дојде прерано селекторската инаугурација на Кире Лазаров иако пред две години сите еуфорично ја поздравивме како „очекувана и логична“, без премногу да му ја мислиме дека капитен и селектор не е исто, и дека успешен селектор тешко се станува без ден тренерски стаж? По две неуспешни првенства со двата најлоши пласмани на Македонија досега, за жал, веќе се отвора и таа дилема. И не ниту ерес, ниту опозиција за смена по секоја цена. Од селекторите секогаш се барала одговорност за играта и за резултатите. Впрочем, поранешниот капитен тоа треба најдобро да го знае!

Отсекогаш внимателно сум ги слушала и посебно сум внимавала во интервјуата и во изјавите, точно до збор да го „симнам“ тоа што го рекол Кире Лазаров, затоа што тој никогаш ништо не кажувал случајно, секогаш знаел што, кога и зошто кажува.  Се обидов и сега да го следам „зборот на селекторот“ во обид, не на претпоставка и слободна конструкција, туку од прва рака, официјално од селекторот, да се добие појасна слика и претстава за македонската репрезентација. Што имаме, на што целиме, на каде тераме…

Но, наместо јасна слика, на овој мундијал добивме нешто како расипан калеидоскоп!

Ме збуни уште со онаа предмундијалска изјава дека репрезентацијата сега „има идентитет“. Хм…тоа треба да е некој нов почеток или порака дека во изминатите 10-15 години кога Македонија бележеше многу подобри резултати, го немала?!

Потоа дојдоа таргетите. Јасно и гласно кажано – Имаме цел… или таргет, да ги победиме Холандија и Аргентина и да се пласираме во втората фаза на СП. Си викам, супер. Конечно некој да каже јасно и гласно – тоа ни е цел. Ако ја оствариме  – сме успеале. Ако не ја оствариме – сме потфрлиле.

Арно ама, не било така. Можеби кај другите, не и кај нас…

Веста за оставката на селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ, дојде тамам за споредба. Рогановиќ иако лани на ЕП направи историски успех со својата репрезентација, годинава на СП си поднесе оставка – затоа што не го исполнил тоа што го ветил и не ја остварил целта – да ја однесе Црна Гора на Олимпијада. Црногорскиот селектор призна и дека направил „лоша проценка“ со подготовките, дека ја видел својата моментална граница, дека ја остава репрезентацијата со љубов и во „добра кондиција“ на некој што ќе направи повеќе, а тој можеби ќе се врати еден ден кога ќе биде подобар и поспремен. И заминува како „господин“ и омилен лик кого црногорската јавност, по темпераментот многу слична на македонската, го испраќа не со свирежи за тоа што не го направил, туку со аплауз и со благодарност за тоа што го направил во изминатите четири години. Но, и за тоа што фер призна дека го ветил, но не успеал да го оствари. Рогановиќ и Црногорците уште еднаш ме оставаат без збор со својот култ кон националната репрезентација.

Ние пак, во полн национален набој, се уште се бориме со изјавите. Ако некој случајно нешто јавно каже надвор од тоа што е стандардно пропишано, „ќе го јаде“, порано или подоцна. Ни после десет години, никако да ја „ослободиме“ националната селекција од „цензура“ и од стравот од јавно кажан збор. Ептен немаше кој да вади, инаку Фитиљот и Деки за изјавите од микс-зоната, гарант ќе останеа заковани на клупа или депортирани како Бранче во 2014. Така оди тоа со „вербалната цензура“.

Затоа пак селекторот и понатаму ја „расветлува“ ситуацијата – „Немаме карактер“ затоа губиме, ама затоа имаме „долгорочна стратегија“ и „најважно е што сме на големи натпреварувања, тоа беше и целта на моето поставување…“.

По поразот од Тунис во „Купот на претседателот“, слушнавме и за новата мисија – „шанса ќе им дадам на помладите ракометари за да стекнат искуство и самодоверба за во иднина. Тоа е нашата мисија овде…“.

Мисијава исто како лани во Дебрецин, мислиш отишле со Б тим на турнир во Бугојно, не со најдобрата селекција на европско и на светско првенство!

И после, виновна е јавноста и публиката. Па, виновни се кога не разбираат што е мисија!

3.За ваучерите се работи

Не знам навистина, која им била идејата и „мисијата“ на РФМ и на надлежната Комисијата, на сред мундијалската нервоза и Прелиминарната предлог-ранг листа за ваучерите да ја „збутаат“ меѓу женските клубови каде што ретко кој ќе ја најде да ја отвори. Наместо да биде објавена јасно и транспаренто на официјалната страница на федерацијата што е всушност и целта на законската обврска што ја имаат сите национални федерации во фамозниот ваучер систем.

Ај што тешко се наоѓа, туку и кога ќе ја најдеш, ракометната ранг-листа веднаш те збунува. Меѓу клубовите рангирани по бодови собрани по 8 категории, два клуба според бодовите се малку измешани. Едниот е сегашниот клуб на претседателот и на селекторот, другиот е поранешниот клуб на селекторот. Без образложение, „грешката“ веднаш „боде очи“.

Новиот суперлигаш РК Алкалоид на листата е ставен на 12.место, но за ваучерот, по сите категории, има собрано вкупно 139 бода што на листата го носи на 6.место зад Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел, Пролет и Еурофарм Пелистер 2, а пред Тиквеш, Скопје, Струга, Охрид, Прилеп.

Втор „грешен“ е РК Голден Арт кој пак на ранг-листата е на 13.место, веднаш зад РК Алкалоид, но со вкупните 83 бода треба да биде погоре, зад Прилеп со 95, а пред Радовиш со 61 бод.

Ако измешаниот редослед на ракометната ранг-листа за ваучерите е „техничка грешка“ , на РФМ и се случува во малку лошт момент.

Ако пак, е намерна за да не се бранува јавноста, тогаш уште полошо. Постигнува спротивен ефект. Има ли образложение?