СЕДМЕРЕЦ : „Големата тројка“ тргнува во офанзива

Стартуваше новата Суперлигашка сезона, во најава неизвесна и во најава најверојатно последна во овој гломазен натпреварувачки формат

1.Нова сезона, нов предизвик

Со супер дуел во Супер Купот како најава, викендов во Македонија стартуваше новата супелигашка ракометна сезона. Во очекување неизвесна и во најава, најверојатно последна во овој гломазен натпреварувачки формат со 16 екипи, до пола сезона поделени по групи на пола.

Неизвесноста што ја донесе финишот на претходната со уште посилен интензитет се пренесува и во новата сезона.

Минатата сезона заврши со тектонски поместувања во поредокот на врвот, најголеми на македонската сцена во изминатата деценија одбележана со вардаровата доминација.

Вардар по девет години беше симнат, а не е многу погрешна и формулацијата  – сам се лизна од тронот, и тоа не едно туку за прв пат, две места подолу.

Еурофарм Пелистер по цели 18 години ја врати шампионската титула во Битола и сега ќе има уште потешка мисија да ја продолжи радоста на публиката и да ја одбрани титулата.

Со експресната трансформација од дебитант во вицешампион, Алкалоид е новиот играч во големата тројка на македонската ракометна сцена. Кога веќе стигна до тука, од новиот вицешампион во новата сезона не се очекува ништо помалку.

Според составите и амбициите, тоа е тројката меѓу која и сезонава ќе се води главната битка за титулата.

Според концепцијата на работа и вложувањата, зад нив, како втор ешалон во „горниот дом“ од суперлигашкото друштво се издвојува Охрид и Тиквеш како сѐ посериозни и поамбициозни проекти и Пролет и Бутел во стандардната средина. Прилеп, „двојката“ од Еурофарм Пелистер и Голен Арт и евентуално новакот Мулти Есенс како „двојка“ на Алкалоид се екипи кои може да изненадат и некому да помрсат сметки и горе-долу го затвораат кругот на екипи кои влегуваат во поширока комбинација за место во плеј-офот.

2.Фаворитите под притисок

Но, вниманието и фокусот на стартот од новата сезона, секако е најмногу насочен кон главите конкуренти за титулата. Особено по првите одмерувања на силите.

Вардар, по оној краток шок на крајот од изминатата сезона, тргна во нова консолидација. И тоа од темел, што би се рекло. Со две вардарови легенди како носечки столбови во новата конструкција и интенција да се постави и да се зацврсти базата. По едногодишната европска суспензија, Вардар летово одново се врати на европската сцена, но на прва налета на Рајн Некар Левен во квалификациите за Европоската лига и европската сезона за „црвено-црните“ заврши во два меча, практично уште непочната. Па, вардарци сега се комплетно фокусирани само на домашната сцена во обид да ги вратат загубените позиции.

И за почеток, добро тргнаа.

На загревање го освоија победничкиот пехар во Струга, а потоа и Супер Купот. Во финалето во Струга, Вардар го победи Алкалоид, за титулата во Супер Купот, Вардар беше поуспешни од Еурофарм Пелистер. Поранешниот двоен европски шампион покажа дека не се предава, а старите борци дека успешно го всадиле тимскиот дух како белег и најсилно оружје и во овој нов и релативно млад состав на “црвено-црните“. Со интернационален код од Ваљево до Токио, но и со посебен македонски белег и репрезентативци што ги имаат своите пет минути и знаат како да го изнесат товарот на „црвено-црниот“ дрес.  Столе може да го сакате или да го заобиколувате поради неговиот познат темперамент, ама како мотиватор му нема рамен, без разлика дали е на терен или сега на клупа, небитно дали е Б или е А.

Еурофарм Пелистер ќе ја брани титулата во Македонија и честа на македонскиот ракомет во европската елита. Со најголема странска легија во составот комбинирана со проверена битолска комбинација и комплетно домашно тренерско-стручно водство. Колку што е предизвикот голем, толку е и притисокот тежок. И за играчите, а уште повеќе за стручниот штаб. Знаат добро и Јовиќ и Шундовски и Бранче Ангеловски дека македонската публика кон своите е многу понемилосрдна, колку и да е парададоксална таа ситуација. Пехарот од охридскиот турнир и не е некоја голема сатисфакција ниту пак претсезонска гаранција за се она што го очекува Еурофарм Пелистер сезонава, според проценките, солидно екипиран за македонски услови, но се уште „танко“ за посериозен настап во Лигата на шампионите. Поразот од Вардар во Супер Купот дојде како предупредување, но вистинскиот тест за битолскиот тим доаѓа во среда, со стартот на натпреварите во ЛШ. А, потоа и првата суперлигашка пресметка со Вардар во новата сезона.

Со експресната трансформација од дебитант во вицешампион, Алкалоид е новиот играч во големата тројка на македонската ракометна сцена. Новите сини од Автокоманда и симболично и фактички, па и идејно и просторно го заземаат местото на  Металург, некогаш моќниот колектив, кој сега е сѐ поблиску до судбината на поранешните шампиони што веќе ги нема на сцената, сведен на прволигашка екипа што мака мачи да го држи во живот името и споменот на стариот Металург и на оние другите сини од Автокоманда кои во свое време, и со скршени прозорци и без камери на секој ќош, од скопското „радничко“ предградие направија успешна европска приказна. Сега од Автокоманда со новите сини почнува нова, малку слична, но и многу поразлична европска приказна.

Слична најмногу по бојата и по определбата клубот во основа да биде македонска репрезентативна база со доминантен број на домашни ракометари плус селекторот на клупа, сезонава дополнет со две искусни странски засилувања. Можеби и по одредени сегменти од концептот на Лино модифицирано применети од неговиот поранешен ученик.

Различен по некои други сегменти што на новиот проект, накалемен во „радничкото“ предградие, му даваат елитистичка нота, во спортот не многу популарна и ликови што божем вени сечат да покажат верност кон превреме прогласената светост. Што колку е добро, толку и не е! Во принцип прво е играта и посветеноста, па резултатите и градење на традиција, за сето тоа после со годините да стане светост за навивачите. За процесот да биде успешен потребни се пари, нормално, и долгорочни вложувања, но треба и време и вистински луѓе. Алкалоид има добра финансиска подлога и без форсирања и „тостирања“ може да изгради и добар проект.

3.Нема странец на клупа!

Во новата суперлигашка сезона во македонскиот ракомет вреди да се спомене уште еден битен сегмент. Споменат и претходно, но како раритет во последните децении или ако сакате, како некој нов бран, секако привлекува внимание – сите клубови во македонското првенство сезонава ќе ги предводат македонски тренери.

Поминале низ македонскиот ракомет и југословенски и српски и хрватски и црногорски и шпански тренерски школи и влијанија, некои повеќе некои помалку успешни. Но, сезонава сите екипи во Супер лигата за прв пат сстартуваат со македонски тренери на клупата.

И како сакате земете, тоа е сепак своевиден напредок и квалитативен чекор напред за оваа фела. Иако, за ваквиот „тренерски тренд“ во македонските клубови, неспорно влијаат идруги  фактори.

Шампионот Еурофарм во новата сезона ќе го предводи двоецот што ја заврши сезоната и избори шампионска титула – поранешниот македонски репрезентативец Александар Јовиќ во тандем со поранешниот селектор Звонко Шундовски.

На клупата на Алкалоид заштитен знак е поранешниот македонски капитен Кире Лазаров, а му помага поранешната репрезентативка Билјана Црвенковска.

Во Вардар втора сезона по ред тренерската палка ја има поранешниот репрезентативец Владо Недановски, сега во тренерски тандем со Столе Стоилов.

Уште неколку истакнати поранешни македонски репрезентативци на чело со Стевче Алушовски на клупата на Охрид, ќе ги предводат клубовите во македонската Супер лига. Иван Марковски го презеде Мулти Есенс, Игор Котевски ќе биде на клупата на Вардар Неготино, Горан Кузмановски е тренер на Бутел, а Михаил Петровски на Еурофарм Пелистер 2. Клупата на Тиквеш ја држи Никола Матлиевски, Владимир Глигоров го предводи Голден Арт, Алексо Лембанов останува верен на Пролет, Оливер Димитриоски го презеде Скопје, а Божидар Мојсов ја доби довербата во Прилеп. Наум Танески е на клупата на Струга, Љубиша Димковски го предводи Куманово, а Дарко Петровски е прв човек на клупата на Аеродром во новата суперлигашка сезона.

По логика на нештата, ангажманот носи драгоцено тренерско искуство, а напоредно со него би требало да оди и тренерската едукација која од следната сезона, според критериумите на ЕХФ, што ќе важат и за националните првенства со задолжителна лиценца од трета категорија. За сите тренери што се веќе професионално ангажирани во највисок ранг на натпреварување многу полесно оди и индивидуалното тренерско надоградување. Што пак во перспектива, би требало да донесе уште поголем бенефит за македонскиот ракомет во иднина.