Сандер Сагосен го очекува пекол, за 21 ден ќе одигра десет натпревари

Актуелниот европски шампион, Кил, ќе игра седум натпревари во две недели. Еден од главните ракометари на Кил, Сандер Сагосен, освен тоа што ќе има напорен распоред на натпревари и тренинзи со својот клуб него го очекува слична ситуација и на репрезентативен план. Сагосен со селекцијата на Норвешка ќе има и подготовки и квалификациски натпревари за настап на Олимписките игри.

За домашните медиуми изјави дека ризикот од повреда е голем поради големиот број на натпревари во мал период.

„Ризикот на овие натпревари е исклучително висок, а за нашето сопствено здравје и опасен. Жестоко е темпото за најдобрите играчи кои играат во Лигата на шампионите, националниот дрес и во врвните клубови“, изјави Сандер Сагосен.

Распоред на натпреварите кои ги одигра Сандер Сагосен во Кил и натпреварите кои следуваат на клупско и репрезентативно ниво.

21 февруари: Кил одигра нерешено против Магдебург во Бундеслигата.

23 февруари: Кил победи против Алборг во натпревар од Лига на шампионите

25 февруари: Кил ремизираше против Нант во Лигата на шампионите

28 февруари: Кил победи во дербито со Флензбург во Бундеслигата

2 март: Кил – Целје (Лига на шампионите)

4 март: Кил – Загреб (Лига на шампионите)

6 март: Кил – Нордхорн (Бундеслига)

12 март: Норвешка – Бразил (квалификации за ОИ)

13 март: Норвешка – Чиле (квалификации за ОИ)

14 март: Норвешка – Јужна Кореја (квалификации за ОИ)

Селекторот на Норвешка, Кристијан Берге не сакаше да ризикува во квалификациските натпревари за настап на Европското првенство и одлучи да игра со Б селекцијата, а првата селекција се подготвуваше за Светското првенство во Египет.

Трите натпревари од квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри ќе бидат со најсилната постава на Норвешка. Избраниците на Кристијан Берге во квалификациите за Олимписките игри ќе играат против Бразил, Чиле и Јужна Кореа. Натпреварите ќе се играат од 12 до 14 март 2021 година.