Савевски најави „бурно лето“: Прва цел ни се кадетките и младинките, и оттука да тргнеме за понатаму

„Ние сме такво поднебје во кое постојано има талентирани ракометари и ракометарки. Има голем број, но треба да се искористат. Во моментов не ни е императив да создадеме ракометарки за ЕП во 2022 година туку да имаме ракометарки за во иднина, на подолг рок. Во прво време целта ни е да видиме што можеме со кадетската и со младинската репрезентација и оттука да тргнеме за понатаму. За сениорската репрезентација има време да се види и да се разговара“, објаснува новиот координатор на женската репрезентација Љубомир Савевски, во разговор за 24ракомет

Женските репрезентации на Македонија од петокот имаат координатор, а на оваа позиција е поставен искусниот стратег, Љубомир Савевски кој после повеќе од една деценија му се врати на ракометот. Искусниот тренер кој важи за мотиватор, но и човек што бара дисциплина, се одлучи да се врати назад во ракометот и почнува одново со работа.

Во новата задача ќе има лидерска улога во сениорската, младинската и кадетската селекција, а тоа значи дека му претстои многу работа бидејќи ќе треба да се формираат репрезентациите кои летово ќе настапуваат на ЕХФ шампионатите, а воедно ќе треба да се внесат и нови навики. Летово ќе биде навистина „работно и топло“, од што ќе се знае како понатаму.

Савевски е свесен за она што му претстои, како и за тоа дека ќе му треба време да се запознае со девојките иако големи промени што се однесува до играчкиот кадар нема да има. Немаме многу време кога станува збор за сениорската репрезентација бидејќи в година во ноември сме еден од домаќините на ЕП 2022 година. И како домаќини сигурно ќе бараме минување на групната фаза.

„Ќе биде напорно во текот на ова лето. Драго ми е што сум тука и што се вратив во ракометот. Единствениот начин за да се вратам назад беше огромната разлика која што ја има сега во Ракометната федерација во Македонија отколку во времето кога работев порано. Условите во кои сега се работи се далеку подобри“, вели Савевски за 24Ракомет.

Тој има договор за три месеци, а потоа ќе се разговара за продолжување на соработката со РФМ. Во прво време ќе има многу работа со кадетките и младинките, а во исто време ќе треба да се размислува и за сениорската репрезентација.

„Договорени сме на период од три месеци, а потоа ќе видиме што ќе се случува понатаму. Јули и август ќе бидат доста напорни. Условите за работа сега се далеку подобри. Ќе имам неколку помошници. Така е договорено со РФМ. Ќе имам и помошник кој ќе биде задолжен за голманите, тим на физиотерапевти, доктори…  Сега ни претстои само да работиме и да се подготвиме за она што ни претстои. Овие два месеци не очекува многу работа“.

Во последните години повеќепати имаше спомнување на името на Савевски , но тој беше решен да остане надвор од тренерската работа. Сепак, овој пат имаше причина за да се врати назад на спортот кој му е во крвта.

„Имаше клубови кои сакаа да ме ангажираат, но не сакав да работам. Живко Мукаетов и Левче Китевски ме убедија набрзина и тоа ми дава гарнција. Сакам да се обидам, сакам да работиме. Ако го направиме тоа како што треба можеме да направиме нешто. Мора да ги поставиме сите работи на место и сите заедно да работиме. Мораме да работиме заедно со клубовите за успехот. Оние девојки што не можеме да ги видиме бидејќи е кратко времето ќе ги следиме преку видео снимки со цел ниту една да не биде запоставена. Мораме да го видиме и начинот на кој размислуваат за играта. Секако за кадетската и младинската селекција ќе можеме да видиме во текот на јуни кога ќе имаме натпревари од младинските лиги“.

Савевски смета дека Македонија секогаш имала таленти и дека и сега ги има, но дека треба да се сменат некои работи и да се дојде до посакуваното. Верува дека Македонија ќе има тим во секоја генерација кој ќе може да парира и на посилните.

„Ние сме такво поднебје во кое постојано има талентирани ракометари и ракометарки. Има голем број, но треба да се искористат. Во моментов не ни е императив да создадеме ракометарки за ЕП во 2022 година туку да имаме ракометарки за во иднина, на подолг рок. Во прво време целта ни е да видиме што можеме со кадетската и со јуниорската репрезентација и оттука да тргнеме за понатаму. За сениорската репрезентација има време да се види и да се разговара. Мораме да ги следиме сите ракометарки и да имаме увид во нивната форма и во играта. Ни требаат сите ракометарки кои може да одговорат на модерниот стил на игра односно сите ракометарки кои играат во два правци. Модерниот ракомет не трпи премногу измени туку треба многу трчање, 60 минути играње одбрана-напад. Не може повеќе да имаме игра во која две играат само напад, две само одбрана“.

Ќе бара од девојките да работат и самите за да можат да го достигнат она што е потребно, но и ќе се користат сите современи методи за да се дојде до играта која е потребна.

„Мораме да имаме и среќа со ракометарките. Оние кои се во странство треба да се во добри клубови, да имаат минутажа бидејќи тоа ќе ни биде потребно. Сепак, сите мораат да работат и индивидуално. Има време и ќе имаме програма за да работиме. Оние кои ќе се најдат во репрезентацијата ќе мораат и самите да работат и да напредуваат. Се работи за единствен проект што е офанзивен. Така можеме да одиме напред. Не смееме да си дозволиме да не наттрчуваат. Не смееме да го дозволиме тоа ниту против големите. Мора да ги поставиме работите како што треба во националниот тим во однос и на мерењата. Ќе има мерења, ќе се видат резултатите и ќе поставиме што како треба. Тука нема многу филозофија. Договоривме да имам одврзани раце и сето она што го планирам да го спроведеме. Ништо од ова нема да биде на штета на клубовите“.

Секако мотивацијата ќе биде важен дел од играта и ќе мора да се крене на уште повисоко ниво од досега.

„Мора да ги мотивираме девојките. Треба да почнеме уште од младинките и кадетките и тука да ги имаме првите резултати. Ќе треба да се работи на сила, на анаеробна издржливост, ќе треба да се крене прагот. Ќе мораме да правиме собири во текот на целата година од по еден или два дена. Да имаме повеќе тестови, да се уигруваме и така да напредуваме“, коментира Савевски за 24Ракомет.

Наскоро се очекуваат и првите собири на кадетките и младинките, но прво месецов ќе треба да бидат одиграни шампионатите во младинските категории и да се види кои од девојките ќе се наметнат за да си добијат место во составите.