Савевски: Ако ги надминеме грешките, може да се надеваме на победа против Романија

Женската репрезентација на Македонија загуби во второто коло на Европското првенство од селекцијата на Холандија со 30-15.

Селекторот Љубомир Савевски вели дека изданието беше полошо од она против Франција пред два дена.

„Во нападот бевме лоши и шутиравме без идеја. Падна мотивот со тек на време, направивме и неколку замени, ништо не се смени на теренот. Очекувавме да се бориме и да бидеме подобри од тоа со Франција, но испаднавме полоши. Ако соберат сили девојките и одиграат подобро, тогаш би можеле да ја победиме Романија. Ако успееме да ги надминеме грешките, може да се надеваме на победа. Кога треба да се даде гол, не постигнуваме и затоа е ваков резултатот. Ако ги искористевме шансите, сигурно ќе беше поинаку. Жал ми е за навивачите, се надевам дека и во следниот натпревар со Романија ќе ни дадат поддршка“, изјави Савевски.

Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра в среда во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:00 часот.