„Русите живеат во некој друг свет, ТВ каналите не прикажуваат одредени работи…“

Репрезентативката на Франција, Грас Заади одлучи по репрезентативните обврски да не продолжи со настапите за Ростов Дон, иако сѐ уште има активен договор со рускиот вицешампион.

Французинката, која се најде во изборот на ИХФ за најдобра ракометарка за 2021 година, во интервју за „eurosport.fr“ зборуваше за актуелните спортски случувања во Русија, како и за нејзините планови во иднина.

„Кога комуницирам со некои играчи од Русија, чувствувам дека живеат во некој друг свет, каде што мислам дека навистина ги минимизираат работите. Тие тоа го гледаат од внатрешна гледна точка, социјалните мрежи се затворија, ТВ каналите не прикажуваат некои работи. Но, за нив спортот не треба да зависи од геополитичката ситуација“, вели Заади.

Средниот бек се најде во многу непријатна ситуација бидејќи пред извесен период го продолжи договорот со Ростов Дон до јуни, 2023 година. Нејзиниот план за остатокот од сезоната е да продолжи во некој клуб од Франција. Веќе на своја врата добила понуди од двата најдобри француски клубови, Мец и Брест Бретањ.

„Кај мене ситуацијата е многу комплексна бидејќи го продолжив договорот со Ростов до крајот на следната сезона. Ростов се надева дека за брзо време сѐ ќе се врати во нормала, дека следната година ќе може да игра во Лигата на шампионите и во тој случај ќе може да смета на мене. Добив веќе понуди од Мец и Брест Бретањ. Имав неколку разговори со раководството на овие два клубови. Сфатив дека ако сакам да останам во Франција имам две опции, кои што се навистина добри. Но во овој момент сѐ уште сум фокусирана на моменталната ситуација со Ростов Дон. Кога сѐ ќе се среди, брзо ќе донесам одлука“, додаде Заади.

Ростов Дон официјално го напушти ракометарката од Украина, Викторија Боршенко и репрезентативката на Шведска, Ана Лагерквист. Во тимот се врати поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Едуарда Аморим. Но, неизвесно е дали Аморим до крај ќе остане во рускиот клуб.

„Викторија прво го раскина договорот, ја напушти Русија и сега не знае што ќе прави, бидејќи е многу тешко да се врати во Украина. Моментално се наоѓа во Летонија. Таа беше многу храбра затоа што помина 10 години во Русија и остави сè таму. Остварив контакт со нејзе пред неколку дена. Замина од Ростов оставајќи ги сите пари во Русија. Таа мора да почне одново или речиси од нула. Ана Лагерквист го раскина договорот со Ростов Дон и остана во Шведска. Едуарда Аморим рече дека со свои очи ќе ја види ситуацијата во Русија и дека доколку не сака да остане, би го напуштила Ростов“,  заврши Заади.

Мец може да ги врати Заади и Грос