Украинците масовно ја напуштаат Русија – Боршенко замина од Ростов Дон, Илченко од ЦСКА Москва

Една од најдобрите ракометарки на позицијата лево крило, Викторија Боршенко одлучи да ја напушти екипата на Ростов Дон поради случувањата во нејзината земја.

Украинката од 2011 година настапува во шампионатот на Русија, а во текот на 2013 година направи трансфер од Динамо Синара во Ростов Дон. Сепак, руската инвазија над Украина беше причина искусната ракометарка да го напушти моќниот руски клуб.

Во Ростов Дон настапува и Јулија Манагарова, која е по потекло од Украина, но пред девет години доби руско државјанство и од 2014 година го носи дресот на руската репрезентација.

Освен Боршенко, Русија ја напуштаат и двајцата репрезентативци на Украина, Дмитриј Илченко од ЦСКА Москва и најдобриот стрелец во руското првенство, Дмитриј Артеменко, кој на 19 одиграни натпревари во шампионатот на Русија постигна 130 погодоци во дресот на Динамо Астрахан.

Претходно, поради војната во Украина, поранешниот селектор на машката украинска репрезентација, Сергеј Бебешко го напушти рускиот тим, Донски Козаци-СФУ. Истиот клуб го напуштија и ракометарите од Белорусија, Алексеј Шинкел, Максим Несвадба, Максим Дроздов и Дмитриј Дачук.