Романија остана без десен бек пред Македонија

Селекцијата на Романија пред натпреварот против Македонија од бараж дуелите за обезбедување место на Светското првенство во Шпанија, се соочи со проблем на позицијата десен бек.

Ракометарката на Валчеа, Дарија Букур со уште две нејзини клупски колешки, Ирина Глибко и Даниела Марин беа позитивни на Ковид-19. Тоа значи дека единствениот десен бек во романската селекција ќе ги пропушти бараж натпреварите против Македонија, а селекторот Адриан Василе ќе бара алтернативно решение веројатно со деснораки ракометарки на таа позиција или можеби ќе повика нова ракометарка.

Во меѓувреме, Василе повика нова ракометарка, но на позицијата лево крило. По Кристина Флорика и Ана Марија Лугану, за оваа позиција ќе конкурира и искусната Николета Динка.

Динка, која настапува за Глорија Бистрица, зад себе има големо искуство со настапите на клупско и репрезентативно ниво. За репрезентацијата на Романија има одиграно 33 официјални натпревари и постигнато 37 гола.