Ристовска и ЦСКА Москва убедливи против Звезда, закажаа финале со Ростов Дон

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, заедно со екипата на ЦСКА Москва обезбедија финале во рускиот шампионат откако и во вториот полуфинален натпревар против Звезда Звенигород триумфираа со четири гола разлика, 32:28.

ЦСКА Москва финалето го завери уште во првиот полуфинален натпревар кога во Звенигород прослави убедлива победа со 17 гола разлика, 37:20, па така денешниот дуел во Москва беше само формалност.

Тренерот на московската екипа, Флорентин Пера, на двата натпревари шанса им даде на сите ракометарки. Најефикасна на денешната средба беше Елена Михаиличенко со пет погодоци, а Ристовска еднаш се запиша во листата на стрелци. Втората екс ракометарка од Вардар во редовите на ЦСКА Москва, Драгана Цвијиќ, постигна три погодоци.

Противник во финалето на ЦСКА Москва ќе биде најголемиот конкурент за титулата, Ростов Дон, кој исто така, имаше лесна задача во полуфиналните средби, обезбеди две лесни победи против Лада Тољати, 34:27 и 43:30.

Првиот финален натпревар ќе се одигра на 23 мај, додека вториот натпревар од финалето, кој ќе биде одигран во Москва, е закажан за 29 мај. Актуелен бранител на титулата е ЦСКА Москва, која пред извесен период го освои и Купот на Русија.