Репрезентативец на Црна Гора се премисли, ќе игра за Словенија!

Младинскиот репрезентативец на Црна Гора и член на словенечкиот суперлигаш Тримо Требње, Мирко Латковиќ во иднина одлучи да го носи дресот на репрезентацијата на Словенија.

Откако селекторот Владо Шола го објави списокот на играчи за претстојниот двомеч против Словенија во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024, младиот ракометар го контактирал стручниот штаб на црногорската селекција и го информирал за промената на националниот дрес.

Латковиќ ги мина сите младински категории на Црна Гора, настапи со својата репрезентација на Европското младинско првенство во Португалија и Европското кадетско првенство во Подгорица, имаше забележителни партии во шампионатот на Словенија и добрите настапи за првпат му донесоа и сениорски повик.

Новиот селектор Владо Шола даде свое видување за одлуката на Латковиќ.

,,Изненаден сум од одлуката на Латковиќ, кој ми се јави и ме извести дека одлучил во иднина да игра за Словенија. Не ја сфаќам оваа одлука и искрено, не ја разбирам. Но, сакам да нагласам дека имаме јасен план и дека има играчи кои се подготвени целосно да го следат тој план и да го доживеат играњето за националниот тим како голема чест”, изјави Шола.

Црна Гора на 9 март во Подгорица ќе го одигра првиот дуел против Словенија. Реванш натпреварот ќе се одигра на 12 март во Копер.

Црногорската репрезентација квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2024 ги стартуваше со две победи, против Косово и БиХ.

Двајца „Македонци“ на првиот список на Шола