Раул не го дава Стеинс

Денес францускиот гигант ПСЖ објави за продолжувањето на договорите со двајца ракометари. Станува збор за плејмејкерот, Лук Стеинс  и левото крило Адама Кеита.

Стеинс во ПСЖ пристигна од Тулуз кон крајот на месец ноември минатата година како замена за повредениот Никола Карабатиќ, но беше само позајмен до крајот на сезоната. Репрезентативецот на Холандија се покажа во солидно светло и раководството на ПСЖ реши да го откупи неговиот договор и веднаш ја продолжи соработката до 2024 година. Холанѓанецот постигна 44 гола на 13 официјални натпревари во дресот на францускиот првак.

Левото крило, Адама Кеита со ПСЖ го продолжи договорот до 2023 година. Кеита се смета за еден од ракометарите кои треба да бидат носители на француската репрезентација во иднина.

Клубот по завршувањето на сезоната ќе го напушти Дилан Нахи, кој се сели во полскиот Келце. До овој момент нема информации за можни засилувања и заминувања од клубот. На почетокот на новата сезона ќе се врати младинскиот репрезентативец на Франција, Саду Н’Танзи. Младиот ракометар од ПСЖ е на позајмица во Тулуз.