Ракометна лавица – има шест деца, работи како физиотерапевт и игра за репрезентацијата на 39 години!

За веб-сајтот на Светската ракометна федерација, 39-годишната репрезентативка на Фарските острови, Паула Берг Дулавик, зборуваше за настапите на нејзината репрезентација, но и за нејзиниот живот и големиот број на обврски. Моментално настапува за домашниот клуб СТИФ каде тренер е поранешната репрезентативка на Македонија, Љубица Георгиевска Хансен.

Освен што игра ракомет, Берг Дулавик работи и како физиотерапевт во локалниот фудбалски клуб. На приватен план има шест деца на возраст од една до 13 години. Семејните задачи ги делат со нејзиниот сопруг, па така амбициозната ракометарка стигнува и на ракометните и фудбалските терени.

Нејзините почетоци во ракометот се на пет годишна возраст. Уште во раните години, Берг Дулавик чувствува дека ракометот е идеален спорт за нејзе.

„Почнав да играм ракомет кога бев многу мала, околу пет години. Живеев во мал град каде што се играше ракомет во зима и фудбал во лето. Особено сакав да играм ракомет кога бев дете поради високото темпо на овој спорт. Давањето голови е исто така плус, сите сакаат да постигнат гол и да бидат среќни. Скоро сите што ги познавав играа ракомет, па така дојде природно да го играм овој спорт”.

Во текот на нејзината кариера доаѓаат моментите кога треба да паузира поради приватни причини. Берг Дулавик се преселува во Данска и таму живее неколку години. За четири години таа станува мајка на три деца, дополнителна причина за поголема пауза од ракометот.

„Имав неколку паузи од ракометот, бидејќи, како што веројатно знаете, имам шест деца. Не играв ракомет шест години, бидејќи се преселив во Данска и имав три деца за четири години. Но, кога се вратив на Фарските острови, повторно почнав да играм. Сепак, породувањето и возраста не придонесуваат за зајакнување на физичката состојба”.

Нејзините најголеми деца одат по нејзините стапки, иако нивниот татко е поранешен фудбалер. Тие се одлучуваат да тренираат ракомет и да ги учат основните работи од нивната мајка.

„Трите постари деца почнаа да играат ракомет и тие го сакаат тој спорт. Кога одам да играм, секогаш ги земам со мене, тие играат со мене. Но, сè што се случува не може да се случи без поддршка од семејството – на крајот на краиштата, мора да останете со три најмали деца”.

Искусната ракометарка со репрезентацијата на Фарски острови ја поминаа првата квалификациска фаза и обезбедија билет во втората квалификациска фаза за настап на Европското првенство 2022 година.